Грчката влада одлучи да протера двајца руски дипломати и да им забрани влез во Грција на други двајца, поради мешање во внатрешните работи на земјата и активности против националната безбедност на Грција – објави весникот „Катимерини“. Атина ги обвини руските дипломати дека се обидувале да добијат незаконски информации и да поткупат грчки државни службеници.
Според високи грчки дипломатски извори, Атина повикува на итно протерување на двајца руски дипломати, меѓу кои и Виктор Јаковлев од руската амбасада, и протерување на уште двајца.
Истите извори забележуваат дека тоа се случува по многубројните координирани напори за проширување на руското влијание во Грција, вклучително и преку активности на Императорското православно палестинско општество.
Изворите посочуваат дека Грција продолжува да бара добра соработка со Русија и ги охрабрува пријателските односи меѓу двете земји, но додава дека ова е можно само при почитување на суверенитетот на секоја земја.
Според изворите, за парична награда, руските дипломати са обидувале да го придобијат влијанието на митрополитите во грчката православна хиерархија, на Света Гора.
Дипломатски извори на весникот ги споменуваат и напорите на Русија да интервенира во чувствително прашање, како што е договорот меѓу Грција и Република Македонија за името, а со тоа негативно да влијаат на улогата на Грција на Балканот.