Челзи победи на традиционално тешкото гостување на „Сент Џејмс Парк“, момците на Лампард „фаќаат залет“ – ММС
ММС

Објавено на: 11/21/20 4:02 PM

Челзи победи на традиционално тешкото гостување на „Сент Џејмс Парк“, момците на Лампард „фаќаат залет“

Момците на Френк Ламапрд на отворањето на деветтото коло од Премиер Лигата, прилично убедливо, иако резултатот на прво гледање не ја доловува вистинската слика, го совлада Њукасл на „Сент Џејмс Парк“ и барем накратко ќе се осамне на врвот на табелата.

На традиционалното тешко гостување за „сините“ од западен Лондон, преку автоголот на Фернандез и Абрахам во вториот дел, Челзи дојде до посакуваната победа и зачувување на серијата од девет меча без пораз во сите конкуренции. Во изминатите седум дуели на овие два опоненти, Њукасл на домашен терен дури петпати го има поразено шесткратниот англиски првак, еднаш имаат изиграно без победник и еднаш Челзи со Маурисио Сари и Хазард има однесено три бода од „Сент Џејмс Парк“.

Челзи од самиот почеток „нагази на гасот“ и веќе во десеттата минута по уфрлањето на Мејсон Маунт во петерецот, аргентинскиот дефанзивец Федерико Фернандез го матираше својот голман, Карл Дарлоу. Екипата на Френк Лампард продолжи со напаѓање и потрага по втор гол. Тимо Вернер во ситуацијата еден на еден од левата страна пласираше во спротивниот агол, но расположениот голман на Њукасл ја сочува мрежата. Одличниот центаршут на Хаким Зијеш, Тами Абрахам не го претвори во погодок, бидејќи уште еднаш Дарлоу го осуети неговиот обид со глава од непосредна близина. Германскиот шпиц, овојпат во класична „зицер“ ситуација, го промаши целиот гол и го остави тимот на Стив Брус во игра.

Второто полувреме Челзи го започна во идентичен стил. По грешката на Фабиен Шер, кој влезе на местото од повредениот Џамал Ласелс, Вернер ја украде топката и во најдобра намера да го проигра Зијеш пропушти уште една одлична шанса за дуплирање на водството.

Стандардното непишано правило за малку не беше кобно за фаворитот, откако Рудигер неуспешно ја исфрли топката пред својот гол и таа стигна до Исак Хејден. Хејден не се снајде и од три метри оддалеченост шутираше надвор од рамките.

Во 65-та минута од дуелот, Тимо Вернер од својата половина „исшпринта“ повеќе од 60 метри со топката во нозете, асистирајќи му на Тами Абрахам и окончувајќи го конечниот резултат и важната победа. Осум минути подоцна домаќините имаа прилика преку шутот на Лонгстаф да се вратат во мечот, но за нивна жал ударот на младиот средњак заврши ја погоди пречката на Менди.

Со оваа победа Челзи се искачува на првото место на табелата во Премиер Лигата со освоени 18 бодови и еден натпревар повеќе во однос на конкурентите Лестер, Ливерпул и Тотенхем.

 

 

Фото:

Твитер / ChelseaFC

 

д.ј