Пропаѓа ли славата на словенечка Севница?: Продаваа и колбас што го носи името на Меланија Трамп – ММС
ММС

Објавено на: 11/21/20 12:16 PM

Пропаѓа ли славата на словенечка Севница?: Продаваа и колбас што го носи името на Меланија Трамп

Во текот на последните четири години жителите на Севница, словенечко гратче со 5.000 жители, стекнаа извесна меѓународна слава и ја искористија за промоција на своето место во кое се родила се’ уште актуелната прва дама на САД, Меланија Трамп. Но, сега кога веројатно претседателствувањето на Доналд Трамп влегува во последните денови, па и на славата на Севница како да и’ се приближува крајот, пишува ББС, а пренесува „Јутарњи лист“ (фотографии АФП, Профимедиа, АА).

„Сакавме тортата да биде елеганта, да биде слична на Меланија – златната боја е овде поради Трамп, а белата поради Белата куќа“, вели Нуша Видмар, сопственичка на слаткарницата Јулија која прави торта со името на првата дама на САД.

На излезот од градот, покрај Сава, неугледна статуа на дрво, која е втора верзија откако првата со името Меланија некој летово ја запали. Во импозантниот замок од 16. век на ридот над Севница се продава колекција локални производи „Прва дама“. На некои тоа можеби им се чини евтин комерцијален трик, а за тоа што Меланија Трамп би можела да помисли ако дознае за колбасот именуван во нејзина чест, можеме само да претпоставуваме.

Но, развојот на низа квалитетни, локално произведени подароци – вклучувајќи вино, чоколада и крем за разубавување, е заеднички напор на локалните власи и на претпријатијата.

„Севница не е традиционална туристичка дестинација. Но, она што се случи пред четири години многу добро влијаеше на препознатливоста на градот. Тоа ги поттикна локалните жители и фирми да ги здружат силите и да соработуваат“, вели градоначалникот на Севница, Среќко Оцвирк.

И покрај веројатното скорешно заминување на госпоѓата Трамп од Белата куќа, Севница одлучи да продолжи да ги нуди своите производи инспирирани од првата дама, па дури и да го збогати асортиманот.