ММС, 11.07.2018
Од четврток до сабота на фестивалската сцена на „Пехчево 2018“, освен дувачки оркестри од Македонија и од Србија, ќе настапат и десетина етносостави и познати пејачи и групи, како Александра Јанева, „Амадеус бенд“ и Хари Мата Хари, фестивалот ќе го живне триилјадното гратче, а меѓу најсреќните што ваква музичка манифестација повторно се одржува во Пехчево е првиот пехчевски академски музичар, Никола Зафировски, кој со кларинетот го прошетал светот, но останал да живее во родниот крај
Пишува: Љупчо Шатевски
Неколку десетици илјади луѓе и оваа година на Павловден, празникот на Пехчево, ќе го посетат малото малешевско гратче за да присуствуваат на фестивалот на дувачки оркестри „Пехчево“. Фестивалот што многумина го нарекуваат „македонска Гуча“, годинава се одржува осми пат, а во текот на тридневната програма (12, 13 и 14 јули) пехчевци, Малешевци и многубројните гости и туристи од цела Македонија, па некои и од соседството, ќе може да проследат повеќе настани.
Од едно од претходните изданија на фестивалот во ПехчевоМногуилјаден народ секоја година го следи фестивалот
Освен настапите на фестивалската сцена на дувачките оркестри, како Дувачкиот оркестар од Битола, „Уска Кан“ и“Сенад бенд“ од Берово, „Млади Агушеви“ и „Џамбо Агушеви“ од Струмица и Дувачкиот оркестар на Бојан Ристиќ од Србија, кој настапува на првата фестивалска вечер, на плоштадот во Пехчево в петок на 13 јули напладне ќе биде отворен традиционаниот саем на малешевски ракотворби и храна „Пехчевски Павловден“, а попладнето ќе има и етнофестивал со учество на десетина етносостави. Во вечерните програми, освен трубачите, ќе гостуваат и познати пејачи и групи. В петок ќе настапи „Амадеус бенд“ од Србија, а в сабота Александра Јанева и Хари Мата Хари.
– Фестивалот трета година по ред ќе има ревијален карактер. Во првите години беше натпреварувачки, а победниците на нашиот фестивал редовно победуваа и на меѓународната вечер на познатиот фестивал во Гуча, Србија. Очекуваме многуилјаден народ во текот на сите три фестивалски дена – вели Живко Каликов од организацискиот одбор на „Пехчево 2018“.
Меѓу оние што најмногу се радуваат што триилјадното Пехчево веќе традиционално има ваква музичка и културна манифестација е Никола Зафировски (81), првиот пехчевски академски музичар, кому дувачките инструменти му се посебна специјалност – кларинетот како професионалец, но и свирчето и дудучето, со кои другарувал како младо овчарче веднаш по Втората светска војна.
Семејни оркестри што постојат и подолго од еден век
– Ова е втора голема музичка манифестација што во Пехчево се задржува повеќе години. Првата беше во седумдесеттите години на минатиот век. Тогаш бев иницијатор дел од програмата на тогашната „Струшка музичка есен“ (дела од македонски автори поврзани со нашето историско минато) да се одржува во Пехчево. Тоа траеше десетина години. Во Пехчево настапуваа Македонската филхармонија, хорот на РТС и познати солисти со дела од Прокопиев, Скаловски, Кочко, Голабовски… Пред 25-26 години го инициравме и фестивалот на дувачки оркестри со Јован Кацарски, директор на тогашниот пехчевски „Напредок“, покровител на фестивалот што тогаш се одржа двапати. Добро е што пред седум години фестивалот беше реактивиран, па годинава ќе го следиме осмото издание на возобновениот фестивал, кој се надевам оти долго ќе трае и ќе ја збогатува програмата – истакнува Никола Зафировски.
Нагласува и оти дувачките оркестри имаат долга традиција во Македонија, особено во нејзиниот источен дел.
– Во речиси сите села во Малешевијата имаше дувачки оркестри, кои главно свиреа на свадби, свечености. Со времето како полека да замираа. Фестивалот сега ги реактивира и ги стимулира тие традиционални вредности. Многу оркестри, како Ќоровци од пехчевски Црник или Дестановски од Берово, функционираат и по еден, па и подолго од еден век, зашто свирењето на дувачки инструменти им е многу стара семејна традиција. Многумина инструменталисти од овие краишта постигнуваа или постигнуваат успеси и во рамките на некогашна СФРЈ и во светски рамки, како некогаш Илми Јашаров, а сега неговиот син Ферус Мустафов од Штип, Неат Велинов од Кочани или инструменталистите од „Агушеви“ од Струмица, „Уска Кан“ од Берово…-вели Зафировски.
Исклучително интересна е неговата животна приказна. Настапувал насекаде низ некогашна СФРЈ и во Европа, но се вратил во Пехчево уште во 1966 година и му останал верен на родниот крај. По свирчето и дудучето со кои другарувал како овчарче, Никола заедно со уште тројца соученици во пехчевското основно училиште формирале група. Тој бил кларинетист, Војо Корчов – гитарист, Живко Бојчев – хармоникаш, а на дајре свирел подоцна познатиот спортски ТВ-коментатор Атанас Костовски.
Зафировски уште тогаш се определил музиката да му биде животна професија. Се запишува во Средното музичко училиште во Скопје. Но, по неколку месеци се враќа во Пехчево. Сфатил дека нема доволно за живот во големиот град, а малку бил и разочаран што наместо кларинет, му дале да свири труба. Но, набрзо стигнал абер од тогашниот директор Илија Николовски-Луј, чие име денес го носи училиштето во Скопје: „Задолжително нека дојде она скромно момче од Пехчево, да не пропадне еден талент, го сака кларинетот и ќе му го дадеме“. Пехчевската општина тогаш му дала и стипендија, па Никола го завршува Средното училиште во класата на Глигор Смокварски, а потоа заминува на отслужување на воениот рок.
Свирел во Москва, Киев, Ленинград, париска „Олимпија“, во Египет…
Во 1962 година се запишал на музичка академија во Белград. Поминал незаборавни четири години. Како многу талентиран музичар, станал член на Академското културно-уметничко друштво „Бранко Крсмановиќ“, а со кларинетот свирел и со малиот народен оркестар на РТВ Белград. Настапувале со познати пејачи низ Југославија. Бил и на турнеи во Москва, Ленинград, Киев, во Египет, каде што свирел пред тогашниот египетски претседтел Насер. Особено се сеќава на гостувањето и концертите во париска „Олимпија“ со Тереза Кесовија Ѓорге Марјановиќ, Есма и ансамблот „Теодосиевски“.
– Сепак, од деновите во Париз највпечатлива и незаборавна ми остана средбата со тогаш познатиот пејач Дарио Морено, кој тогаш работеше во француската метропола. По еден наш дневен настап, ми пријде еден господин што ми изгледаше некако многу познато. На француски ми рече: „Ве гледам вторпат, господине, имате стил и свирите совршено на кларинетот“, а потоа се претстави дека е Морено, пејачот кому тие години му се восхитував. Потоа ме покани на торта во една слаткарница. Во следните денови уште неколупати пиевме кафе со него, а заедно прошетавме и низ многу париски музички продавници, при што ми помогна во изборот да го купам веројатно најдобриот кларинет во Париз – раскажува Зафировски.
Дипломирал во 1966 година. Имал понуди и многу можности да остане во Белград или да замине во некој друг голем град, но одлучил да се врати во Македонија, во своето Пехчево и нагласува оти не се кае. Знаењето и искуството им го предавал на многу генерации ученици, а уште во 1966 го формирал пехчевскиот мандолински оркестар, со кој освоиле многу награди во Македонија и во странство.
ПРЕД ТИТО СВИРЕЛ ПОВЕЌЕПАТИ, А ДУРИ И СЕ ПОЗНАВАЛЕ
Никола Зафировски свирел пред многумина странски државници и дипломати, а пред претседателот на СФРЈ Тито повеќепати. Најмногу се сеќава на првиот настап, кога Тито и го запаметил музичарот од Пехчево, па на следните средби веќе го познавал. Тој прв настап пред Тито бил во ловиштето Караѓорѓево со инструменталниот состав на АКУД „Бранко Крсмановиќ“. Концертот пред Тито, Јованка и речиси целиот дипломатски кор во Белград, кој утредента требало да биде на лов, почнал со една специфична случка. Програмата на оркестарот почнала со македонското оро „Тешкото“, но од силното удирање на тапанот, Титовото куче, кое незабележано од никого претходно се скрило под некоја маса, се исплашило и го нападнало тапанџијата, па Тито одвај го смирил.
– Требаше да свириме до полноќ, но Тито инсистираше да продолжиме. На крајот се запозна со сите членови на оркестарот. Прашуваше и кој од каде е. Тие пред мене беа од Белград, Нови Сад, Сараево, Сплит, Љубљана, па немаше потреба да кажуваат од која република се. Јас му кажав дека сум од Македонија. Бев сигурен дека никогаш не чул за Пехчево. „А од каде во Македонија“, ме потпраша. „Од источна Македонија“, реков. „Добро, де, а од кое место во источна Македонија“, беше упорен Тито. „Од едно гратче кај Штип, Пехчево се вика, сигурно не знаете за него“, му реков. „Како не знам кога секој ден ја гледам картата на СФРЈ. Знам за Пехчево, за Берово, за пехчевско Ченгино Кале, кое е најисточна точка на СФРЈ“, рече Тито и додаде дека многу ја сака македонската музика, па побара за крај да му ја исполниме „Болен ми лежи Миле Попјорданов“ – се присетува Зафировски