Во Основниот суд во Штип денеска се одржа главна расправа по тужбата на Роберт Димитров – Роби против Горан Гаврилов за делото клевета. Адвокатот на Димитров изјави пред судот дека неговиот клиент тужи не со цел да бара нематеријална штета, туку Горан Гаврилов, како управител на националното радио „Канал 77″, да престане да „се замара со ликот и делото на Роберт Димитров Роби, бидејќи тој е успешен и наградуван бизнисмен”.
Тужбата е поднесена по вест објавена на „Канал 77″, каде е пренесена изјава на Гаврилов, во врска случајот со заканите по живот на Гаврилов и неговиот син, од страна на Горан Стојанов – Коцка. Овој случај и по седум месеци, се’ уште не е решен.
Да потсетиме на случајот низ објавениот текст на ММС:
„Горан Стојанов – Коцка, кој на 14 мај му се закани по живот и се обиде да го нападне Горан Гаврилов, управителот на ТРД „Канал 77″. По објавените информации за овој настан на Канал 77, напаѓачот Стојанов Коцка здружен со Роберт Димитров – Роби поднесе тужба против Гаврилов за клевета поради тоа што јавно ги кажал упатените закани.
-Ќе ве убијам и двајцата, беше заканата што Горан Стојанов – Коцка ја упати до Гаврилов на 14 мај, годинава.
Во изјавата за нападот, Горан Гаврилов вели:
-Претпоставувам дека ова лице Горан наречен Коцка има сега уште поголема сила за да ми се заканува по живот, во заштита на својот ментор Роберт Димитров. Ова не е прв пат да се заканува. На свадбена веселба упатил закана на мојот син Виктор Гаврилов, со намера физички да го нападне, но бил попречен од вработените. Мислам дека ова нема да престане и ваквите криминалци кои што се на слобода, секогаш ќе бидат закана за мојот живот и животот на моите блиски. Со години чекам правната држава да проработи и се надевам дека конечно тоа ќе се случи, а системот ќе ги превземе сите мерки да ме заштити. Иако минатото покажа дека нема правда, ниту заштита во тој корумпираниот систем, изјави Горан Гаврилов, управител на Канал 77. Во СВР Штип нападот е регистириран. Со случајот е запознат и Јавен обвинител (15.05.2020).
Рочиштето за овој предмет е закажано за почетокот на февруари. До тогаш можеби ќе има одговор од институциите за случај, кој тогаш ќе наврши десет месеци институционален молк.