Кандидатите за градоначалник на Штип потпишаа кодекс за фер и демократски избори – ММС
ММС

Објавено на: 11/20/20 2:41 PM

Кандидатите за градоначалник на Штип потпишаа кодекс за фер и демократски избори

Петмината кандидати за градоначалник на Општина Штип денеска го потпишаа кодексот за фер и демократски избори. Претседателката на ОИК-Штип, Сенка Андреева посочи дека сите кандидатите го потпишаа кодексот, согласно здравствените протоколи.

-Ги замоливме кандидатите, кои ја почнуваат кампањата и ќе трае до 10 декември, во текот на неа да ги почитуваат сите здравствени протоколи и здравјето на луѓето да е пред се, изјави Андреева.

Во трката за градоначалник на Штип со мандат до октомври 2021 година влегуваат независниот кандидат, Трајче Митев кој ги собра потребните 260 граѓански потписи, Лазар Наумов музичар од партијата ТМРО, потоа интервентниот кардиолог и актуелен пратеник Сашко Николов од СДСМ, Гоце Ангелов од новата коалиција „Иднината во наши раце” составена  од  партиите Демократи  и Македонска обединителна реформска организација-Работничка партија  и Симон Поликарп кандидат  на Интегра-Македонска конзервативна партија.

Петмината кандидати ветија дека кампањата ќе биде фер и демократска. Своите програми пред граѓаните ќе ги преставуваат преку медиумите, односно телевизиите, радио станиците, веб порталите, билборди, а ќе ги користат и социјалните мрежи. Средбите и митнизите со граѓаните низ населбите нема да имаат со цел да се заштити здравјето на граѓаните.

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски вели дека во Законот за кризна состојба не пишува ништо дали може или не да се спроведат избори за време на кризна состојба. Одлука за  стопирање на изборите може да донесе извршната власт.

Во моментов течат роковите за спроведување на изборите за градоначалник на општините Штип и Пласница.

МИА