Во наредните денови обезбедуваме уште 50 легла за ковид пациенти на Клиниката за уво, нос и грло, најави Филипче – ММС
ММС

Објавено на: 11/20/20 1:13 PM

Во наредните денови обезбедуваме уште 50 легла за ковид пациенти на Клиниката за уво, нос и грло, најави Филипче

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, утрово направи обиколка низ интерните клиники во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза”. Тој го посети и ново отворениот ковид центар на Клиниката за очни болести, кој од утрово почна со работа.
– Целиот здравствен систем е координиран и усогласен со сите јавно-здравствени установи. Во сите установи работи стручен медицински кадар. Здравствените работници се преморени, меѓутоа тие не се откажуваат и го даваат својот максимум во третманот на пациентите”, изјави Филипче.
Во ковид центарот во Клиниката за очни болести хоспитализиран е првиот пациент, а целото одделение располага со капацитет од 23 кревети. Клиниката е спремна да помогне во грижувањето на сите оние пациенти на кои им е потребна хоспитализација и кислородна поддршка.
Следен чекор е зголемување на болничките капацитетите со 50 легла за ковид пациенти и на Клиниката за уво, нос и грло. Во следните денови се очекува да биде комплетно подготвена оваа установа, во која во моментов се поставува централен довод на кислород.