По 39 години ќе се обновува детскиот книжевен фонд во библиотеката во делчевското село Разловци. Библиотеката која е клон на Јавната локална библиотека Илинден работи од далечната 1981 година и во моментот располага со над 2400 книги од кои повеќето се оштетени заради што е најавена нивна обнова
Јавната локална библиотека „Илинден” ќе набавува нова детска литература за потребите на клонот на Библиотеката во село Разловци. Директорката на Библиотеката, Биљана Петровска апелираше сите оние кои долго време не ги вратиле изнајмените книги од клонот во Разловци да ги вратат во најбрз рок, се’ со цел да се направи увид за тоа кои книги треба да бидат набавени.
-Клонот на ЈЛБ „Илинден” во с.Разловци постои од 1981 година, има вкупно 2488 книги и 30 членови, сите ученици. Клонот располага и со стручна литература за која нема интерес, барана е детската литература и сликовници. Неколку пати до сега правевме напори да ги собереме книгите што одамна се изнајмени и не се вратени, еве сега повторно апелирам до сите родители од Разловци чии деца измајмиле книга и со години не ја вратиле, да ја вратат или да пријават дека ја загубиле, затоа што ЈЛБ „Илинден” планира да набави нова детска литература и сликовници, но треба да знаеме кои наслови ги имаме, кои се изгубени или оштетени за да знаеме и што да купиме – рече Петровска.
Одгворниот за Библиотеката, Ванчо Спасевски вели дека истата најмногу се користи од учениците за завршување на своите училишни обврски.
-Во Библиотеката најмногу доаѓаат ученици од ООУ „Св.Климент Охридски за да ги земат лектирите кои им се потребни за училиште. Исто така доаѓаат и попладне за да извршат некои активности кои не можат да ги извршат дома, рече Спасевски.
Пред неколку дена од ЈЛБ „Илинден” го посетија подрачното училиште во село Разловци каде за учениците донираа книги и сликовници.
Валери Спасевски