„Хероите на градот“ – Мурал ги слави пожарникарите во Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/20 2:55 PM

„Хероите на градот“ – Мурал ги слави пожарникарите во Скопје

Покрај целото сивило што ни го донесе годинава, во Скопје, на пожарникарската кула за вежбање во бригадата во Автокоманда, се раѓаат одново боите на слободата.

Во тек е изработката на муралот „Хероите на Градот“ кој гордо ги слави пожарникарите во земјава.

Токму по овој повод разговаравме со Михаил Караколев, пожарникар од противпожарната единица во Скопје. Михаил пред сè нагласи колку е важно што едно вакво убаво дело ќе биде исцртано токму на кулата за вежбање – местото каде тој и неговите колеги го „печат“ занаетот пожарникар и на кое полициските сили и припадниците на АРМ ги изведуваат своите вежби.

Во однос на конкретната симболика на муралот, Михаил вели: „Целта на муралот е да се разбуди свеста за тежината и големината на работата пожарникар/спасител. Симболиката е во тоа што пожарникарот во раце ја носи потенцијалната жртва, спасувајќи ја од пожар. Епа сега замислете колкава тежина лежи врз телото на тој добротворец. Опрема потешка од 35-40 килограми, плус едно цело човечко тело. Токму затоа за мене пожарникарите се вистински симбол на херои. Во случајов херои на Скопје и сите останати колеги во Македонија“, вели Михаил.

Во секој случај Михаил истакна дека е благодарен на народот што успева да ја препознае големината на пожарникарите, а меѓу другото ја искористи приликата и да им се заблагодари на сите за поддршката на мирниот протест кој Михаил и колегите пожарникари го спроведоа неодамна: „Да се надеваме дека проблемот ќе се реши и дека нема дополнително да се валка униформата на овие луѓе без кои не можеме. Во преговори сме со градоначалникот, така да по секојдневниот мирис на чад, мириса и на спогодба“, се смее Михаил.

Муралот „Хероите на градот“ е висок 25 метри, а широк е 7 метри со што е еден од највисоките мурали во светот посветен на пожарникарите, а е единствен од тој вид изработен конкретно во бригада. Автори на истиот се Јана Јакимовска и Ненад Ѓорѓиевски – Тонкин.

„Поздрав и до нив, респект за храбрата работа при која наликуваат на наши колеги. Само неколкумина знаат како е да си на таа висина во корпа“, ги отпоздрави Михаил и авторите на муралот.

Идејата за муралот е на командантот Влатко Симоновски, а е поддржана од градот Скопје во рамките на европскиот проект „КреАрт“.

 

Во прилог погледнете ги фотографиите кои Михаил ги сподели од својата приватна архива.

 

 

Христина Спирова