Шаќир Фетаху е нов поглавар на ИВЗ – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/20 1:02 PM

Шаќир Фетаху е нов поглавар на ИВЗ

Гостиварскиот муфтија и доскорешен вршителот на должноста поглавар на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху од денес новиот поглавар на Исламската верска заедница во Македонија. На изборот што претпладнево се одржаа, тој го доби мнозинството гласови (18) од преостанатите муфтии и раководители на верски институции. Негов против кандидат беше тетовскиот муфтија Ќани Несими.

Изборите беа најавени уште минатата недела и ги организираше посебна комисија, по што кандидатите за раководната функција Реис ул Улема требаше да поднесат кандидатури, а до крајот на рокот, пријавени беа тројца кандидати. На поранешниот имам од Страчинци, Мухарем Емини, не му е верификувана кандидатурата за реис на ИВЗ, бидејќи не ги исполнувал бараните услови според Правилникот за што му биле потребни 10 години работно искуство. Според статутот на ИВЗ поглаварот се избира со гласовите на сите муфтии во земјата и раководителите и директорите на верски институции кои се вкупно двесет.

Изборот за поглавар на ИВЗ следува шест месеци по разрешувањето на реисот Сулејман Реџепи, кого за време на неговиот мандат го следеа повеќе контроверзии и скандалозни настапи. На 27 мај 2020 година, Ријасетот на Исламската верска заедница на вонреден состанок со двотретинско мнозинство го разреши Реџепи и вд поглавар го назначи Фетаху. Претходниот, Реџепи беше избран за Реис на ИВЗ во септември 2006 година и оттогаш е реизбран со мандат од пет години. Дотогаш беше декан на факултетот за исламски науки.

Фетаху е роден во 1959 година гостиварско Форино, верската дејност ја започнува на четиринаесет годишна возраст. Дипломирал на Факултетот за исламски науки во Сараево, а потоа бил имам, муалим, учител во медресето „Иса Бег”, член на основачкиот совет на Факултетот за исламски науки Скопје, раководител на тела на ИВЗ и Ријасетот. Фетаху е добитник на повеќе признанија и одликувања од државни и меѓународни институции. Како прв човек на гостиварската муфтинија во изминативе 18 години има значаен придонес во организација на верскиот живот, враќање на имотите и создавање нови услови и установи за подобро организирање на верскиот живот. Од октомври Шаќир еф. Фетаху е член на Светскиот совет на исламските заедници со седиште во Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати. Тој е брат на универзитетскиот професор, Милаим Фетаху поранешен член на АВМУ.

 

з. г. м