На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 792 пациенти, слободни кревети има – ММС
ММС

Објавено на: 11/17/20 6:48 PM

На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 792 пациенти, слободни кревети има

Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава, пријавено е дека се лекуваат 640 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнително 152 болни, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19, кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 792.

Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците низ земјава и инфективните оддели во Скопје е 1.225 и има колку 100 празни болнички кревети во ковид центрите.

– Во болниците во внатрешноста има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла – информираат од Министерството.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 83 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 69 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 43 пациент, во Велес се лекуваат 63 болни, а во Куманово 88 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19.

Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп 94, во ковид-центарот во Гостивар 47, а во Струга 33 болни. Во болницата во Струмица лежат 80 пацинети, во Кочани 25, во Кичево 18, Кавадарци 39, а во Гевгелија 10 лица позитивни на коронавирусот.

Од министерството велат да се има предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

-И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширен – тврдат од Министерството.