Бриселскиот веб сајт „ЕУ Обзервер” денеска објави напис во врска со бугарското вето кон официјалниот почеток на преговори со Северна Македонија, оценувајќи дека Бугарија носи „историски багаж” на масата на ЕУ.
-Требаше да биде техникалија, но се претвори во ново фијаско на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, вмешувајќи ги во тоа Хитлер, Сталин и Тито. Денешните разговори ќе се соочат со ново бугарско вето, што го базираат, како што кажа еден висок ЕУ дипломат, врз овој „историски багаж”, пишува „ЕУ Обзервер”.
Потсетува дека 27-те министри за надворешни работи на ЕУ, кои ќе се состанат преку видео врска денеска и под германското претседателство со ЕУ, требаше да дадат знак за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија.
-Тоа требаше да се случи по долгото одложување поради грчкото вето кое заврши во 2018 година, кога Скопје го смени името на својата земја за да ја задоволи Атина. Тоа требаше да се случи по француското вето во 2019 година, кога земјите од ЕУ го сменија начинот на проширување за да го задоволат Париз. Наместо тоа, ќе има ново бугарско вето базирано на историски багаж, пишува „ЕУ Обзервер”.
Натаму наведува дека багажот ги вклучува бугарските барања учебниците по историја на Северна Македонија да ги отфрлат тврдењата за македонскиот идентитет на некои историски личности и за небугарското потекло на нејзиниот јазик.
Бугарија, исто така, сака во учебниците да престане да пишува дека е виновна за фашистичката окупација на Северна Македонија во Втората светска војна, иако таа ја окупира, како една од државите од оската на Хитлер.
Исто така, Софија бара во учебниците да пишува дека поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито бил послушник на советскиот лидер Јосиф Сталин, иако Тито се раздели со Сталин во 1948 година за да ја заштити автономијата на Југославија…
МИА


