Богдановиќ и Холидеј ќе му помагаат на Јанис за титула, Феникс добива нов лидер во Крис Пол – ММС
ММС

Објавено на: 11/17/20 12:07 PM

Богдановиќ и Холидеј ќе му помагаат на Јанис за титула, Феникс добива нов лидер во Крис Пол

Последното деноноќие на НБА пазарот беше навистина бурно, а за тоа се погрижија тимовите кои активно „бркаа потписи и трејдови“.

НБА ѕвездата Крис Пол, од Оклахома Сити Тандер, тимот кој неочекувано имаше добра сезона и пласман во плејоф, предводен токму од него, се сели во Феникс Санс. Санси и Оклахома го постигнаа овој договор разменувајќи неколкумина играчи, меѓу кои и шпанскиот репрезентативец Рики Рубио. Рубио, заедно со Кели Обре, Тиџеј Џером, Џејлен Леки и првиот пик на драфтот за 2022 година ќе заигра за поранешниот финалист во најдоброто светско кошаркарско натпреварување, додека во обратен правец ќе оди Крис Пол.

Плејмејкерот имаше уште две години од својот постоечки договор, а покрај Феникс за него беа заинтересирани и Лос Анџелес Лејкерс и Милвоки Бакс. Челниците на франшизата која во „баблот“ на Флорида ги победи сите мечеви и имаше скор од 8:0 и сепак не успеа да заигра во плејофот, во Пол гледаат лидер што може да ги спои редовите и да го предводи полетниот и релативно млад состав на франшизата од Аризона на чело со Девин Букер.

Од друга страна, заминувањето на Денис Шрудер кај актуелните шампиони, отвори простор за нова реконструкција во Оклахома и започнување ново поглавје.

Не толку драстично, но вредно за споменување и забележување е поглавјето кое го отвора амбициозниот тим на Милвоки Бакс. Шпекулациите за заминување на Јанис Адетокумбо од Бакси, ги натераа раководните лица на франшизата „да ги засукаат ракавите“ и да се обидат на Гркот да му создадат услови и средина што ќе ги задоволи неговите шампионски апетити.

За таа цел „курбан“ отидоа Ерик Бледсоу, Џорџ Хил и три пикови на драфт, вклучувајќи го и овогодинешниот број 24. Бледсоу и Хил ќе станат „пеликани“ и ќе го заменат Џру Холидеј кој оди во обратен правец.

Тука не завршува пазарот за Бакси, бидејќи некогашниот кошаркар на белградски Партизан, Богдан Богдановиќ, од Сакраменто Кингс доаѓа на испомош во Милвоки. За неговите услуги Бакси мораа да се ослободат од Ерсан Илјасова, Донте ДиВинченцо и Ди Џеј Вилсон. Тројцата во кампањата 2020/21 ќе играат во Западната конференција во екипата на Кингси.

Ваквите рокади на Милвоки се во надеж дека грчкиот центар ќе потпише „супер-макс“ договор и нема да ја смени средината во последен момент. Мајами Хит и Шарлот Хорнетс остануваат заинтересирани страни и ја мониторираат ситуацијата.