„Ако не можеле да ја спасат, барем можеле да не дозволат да се мачи до толку во последните часови од нејзиниот живот. Му пишав на директорот на болницата, не ми врати ама пак ќе го барам подоцна. Сакам да разговарам и со главната сестра, рече за ММС, Михаела Довичинска, која завчера во штипската болница ја загуби нејзината 41 годишна мајка.
Таа беше изнервирана и разочарана од однос на медицинскиот персонал кон луѓето кои ги вртат телефоните за да прашат за состојбата на нивните најблиски а не можат да ги добијат, а уште повеќе што кога по смртта на мобилниот на мајка и ги видела повиците за помош, но никој од медицинскиот персонал не сакал да одговори.
-Вчера ( 14.11.2020 ) во утринските часови, ни соопштија дека мајка ми починала. Да, жена на 41 годишна возраст, мајка на две деца и сопруга. Жена без било какви претходни заболувања. Се имам обидено да ги добијам на Клиниката минимум 100 пати само за да добијам некоја информација за мајка ми. Со доктор се слушнав само еднаш тој ден за да ми каже дека мајка ми не е добро, дека нејзината сатурација е прениска, дека во секој момент може и да се подобри и да се влоши. Ја продолживме вечерта со уште милион неуспешни обиди да добиеме некој за информација за пред 12 часот на полноќ да бидат исклучени сите линии за инфомации. Само ние знаеме како го дочекавме утрото и уште некои кои биле во наша ситуација. Во периодот од 7:00 – 8:00 на 14.11.2020 по повторно милион обиди да ги добиеме, докторот ни кажа дека ,, во тешка ситуација е, има бронхопневмонија на целите бели дробови, ќе мора да се јавите до после пак за да видиме како ќе биде“. После еден час од мојот разговор, добивме инфомација дека мајка ми е мртва. Се помиривме со сето ова. Судбина. Тие направиле се што можеле, толку можеле и на телефон да ни кренат за информација. Презафатени се со пациентите. Тие се грижеле за мајка ми, но не можеле ништо да направат. Сето ова беа мои зборови за утеха на моето семејство и зборови во кои што верував и бев сигурна. Но, знаете до кога? До пред половина час господине Венко Филипче. Додека не го зедов телефонот на мајка ми кој ни го вратија за да ги прочитам сите утешни зборови што и ги пишав нејзе, но таа не била во состојба да ги прочита и не ги видов сите нејзини неуспешни обиди да го добие дежурниот медицински персонал. Сите повици во кои мајка ми се обидела да добие помош, да добие кислород за да диши, но секако, никој не ја удостоил со одговор. Клучната ноќ, по нашиот последен „нормален“ разговор мајка ми се обидувала да добие помош со 10 повици од 20:23 – 20:29. Има и две молби за шанса за живот од кои едната гласи ,,Ова е итно. Јави ми се. ” и ,, Боца кислород треба горе во четворката “. Мајка ми нема да ја вратиме, на мајка ми никогаш повеќе нема да и биде потребен кислород, мајка ми повеќе никогаш нема да моли за шанса да живее, вели меѓу другото Михаела, чие разочарување можете во целост да го прочитате на нејзиниот Фејсбук профил.
Министерот за здравство Венко Филипче, кој исто така беше тагиран во постот денес најави вонредна инспекција во штипската билница.
-Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведува вонреден инспекциски надзор за случајот со 41 годишната пациентка која почина на инфективното одделение во Клиничката болница Штип. По завршениот надзор, јавноста ќе биде навремено информирана, напиша тој на Социјалните мрежи.
ММС ја контактираше Клиниката во Штип. Оттаму ни рекоа да причекаме додека не заврши вонредниот инспекциски надзор.
-Во врска со смртта на 41 годишната пациентка на Инфективниот оддел во КБ Штип на 14 Ноември 2020 година и изјавите на семејството за несоодветен третман најпрвин сакаме да изразиме длабоко сочувство до семејството на починатата. Поради тоа што во моментот има вонреден инспекциски надзор од ДСЗИ, као и дадено задолжување на Комисијата за контрола на здравствени и етички прашања при КБ Штип, да го иследи случајот и да поднесе писмен извештај, сметаме дека во моментот е коректно да ги почекаме извештаите. По добивањето на истите, ќе имаме појасна слика за случајот и дали имало евентуални пропусти, ни рекоа од таму.