Актуелниот шампион на НБА, екипата на Лос Анџелес Лејкерс, започна со создавање на новиот лик на ростерот за следната натпреварувачка сезона.
Иако Лејкерси како прваци имаат многу малку слабости во своите редови, како вистински компетитивна фрашниза не застануваат и креираат тим кој ќе може да поврзе „бек ту бек“ трофеи во најсилното клупско кошаркарско натпреварување во светот.
Потенцијалното заминување на Рондо и „флертувањето“ на Дени Грин со неколку тимови, отвора простор за доведување кошаркар со слични плејмејкерски и скорерски карактеристики.
Плејмејкерот на Оклахома Сити Тандер, германскиот интернационалец Денис Шрудер, на чекор е до „езерџиите“, а во спротивен правец поранешниот финалист во НБА ќе го добие токму Дени Грин и пикот број 28 на овогодинешниот драфт, јавува Адриан Воџнаровски од „ЕSPN“.
Лејкерси и Шрудер имаат постигнато вербален договор и очекувањата се дека следната недела и официјално дваесет и седумгодишниот Германец ќе биде на располагање на тренерот Франк Вогел. Шрудер изминатата сезона забележа 18.9 поени во просек по меч, 3.6 скокови и 4.0 асистенции. Покрај тоа, тој беше и дел од тројцата номинирани за наградата „Шести играч на сезоната“.
Сепак, главната цел на Роб Пелинка и челниците на Лејкерси ќе остане ре-потпишувањето на Ентони Дејвис кој во моментов е слободен играч на пазарот.