Сонувам да го веам македонското знаме на Олимпијада – Гимнастичарката Илина Соколова реди успеси во Германија – ММС
ММС

Објавено на: 11/16/20 12:40 PM

Сонувам да го веам македонското знаме на Олимпијада – Гимнастичарката Илина Соколова реди успеси во Германија

Малата Илина Соколовска (14) е успешна македонска приказна надвор од границите на државата. Со нејзиното семејство живее во германскиот град Билефелд, па затоа и ова талентирано македонско девојче ниже успеси за Германија, но сонува  македонското знаме да го вее на Олимпијада.  И ако се погледнат нејзините досегашни успеси во ритмичка гимнастика, несомнено дека овој сон ќе и се оствари.  Неполна деценија таа се занимава со овој спорт, а нејзиниот дом е преполн со пехари, кои минатата година и го отворија патот  да почне да се натпреварува во Бундес лигата. И таман почна  се како што треба, се случи пандемијата, која го застана животот во целиот свет. Но, Илина и покрај стопирањето на натпреварите не застанува. Нејзиниот живот продолжи со тренирање, за да биде подготвена, кога повторно животот ќе се врати во нормала и ќе почнат натпреварите.

-Од февруари до октомври немавме никаков настап. Цела година чекав да се натпреваруваме. Пред десетина дена се случи еден клупски натпревар, убаво беше, но откажаа многу клубови од  Бундес прва и втора лига. Мојот клуб учествуваше, запазувајќи ги сите критериуми за заштита.  Мојот клуб се вика СГ Гутерслох- Билефелд, и клубски се натреварувавме. Секој сам танцуваше и на крај со вкупно 80 поени како клуб го освоивме петото место. Имаше посилни клубови од нас, се натреваруваат на интернационално ниво. Требаше и деновиве да има уште еден натпревар, но поради короната и тој е откажан, вели Илина, која пред неколку години на интернационален натпревар во Украина ја освои титулата „принцеза“, освојувајќи најмногу поени.

Иако нема натпревари Илина, како и нејзината помала сестра Ева (10), која исто така е гимнастичарка, продолжија да тренираат. Додека беше топло времето тренираа во природа, но сега тренинзите ги прават дома, секој ден по неколку часа.

-Многу ни е тешко што не можеме да спортуваме.  Сестра ми  Ева дури и плачеше бидејќи за следните четири недели се  откажани тренинзите и затоа ќе тренираме дома,  во дневна соба, бидејќи надвор е веќе студено.  Од март до јуни вежбавме така, малку дома, малку надвор. Кога не ослободија многу се израдувавме дека ќе продолжиме со натпреварите, но  ете пак не затворија. Сега само одиме во школо, цело време со маска и со постојано отворени прозорци и врати. На часови седиме  со јакни, капи, шалови или ќебе.  Напорно е ама мора да се издржи. Одам во девето одделени и најдобра сум во класот. Паралелно вежбам и учам. Обврските со спортот и натпреварите не ми штетат на школскиот успех. Внимавам на часови, редовно ги пишувам домашните и преку викенд учам. А имам време и за другарки. Секогаш прво е  учењето, па потоа  дружењето.  Има многу деца на кои им е напорно да учат ама јас скоро секогаш имам мотивација за учење, додава Илина.

Сонот на секој спортист, па и на Илина е успех и само успех. Нејзиниот најголем сон е да ја однесе Македонија на Олимпијада, кој ако продолжи со трофеите, како и до сега, секако дека ќе и се оствари. Иако таа се натпреварува за Германија, сепак, во џеб го има само македонскиот пасош, па оттаму и надежта дека еден ден ќе ја однесе својата татковина на ова големо натпреварување.

-Јас секогаш  сонувам да одам на Олимпијада и се надевам дека ќе успеам.  Сега се натпреварувам со  многу силни гимнастичарки, кои се постари од мене.  Но, тоа ми е мотивација повеќе.  Да бидам уште подобра.  Кога бев мала, уште во градинка ги гледав девојчиња како вежбаат и гледав колку убави фустанчиња имааат. Така го засакав овој спорт. А потоа кога почнав да вежбам и да се натпреварувам и да редам успеси уште повеќе го сакам. Засега имам  над осум натпреварувачки фустани, кои веќе ми се мали.  Сите од клубот  одиме кај  една жена која е од Русија и по наша желба ни ги прави, вели таа.

Кога фати пандемијата многу од родителите се пожалија дека не знаат што да им прават на децата. Ова не е случај со Илина, бидејќи нејзините родители и со неа и со сестра и го немаат тој проблем,  нивниот ден ниту почнува, ниту завршува со седење пред компјутер.

Илина со сестрата Ева и татко и Горан

-Пред компјутер сум само кога морам. Кога е потребно од школо. Затоа сакам да им порачам на моите врсници да си размислат дали тоа ќе им помогне во животот и каков успех ке имаат ако по цел ден седат пред комјутер и затворени дома.  Не може цел ден пред компјутер. Треба да си градат професија и да уживаат во работата.  Јас  најмногу сакам  биологија и хемија.  Мислам дека кога ќе престанам професионално да се занимавам со гимнастика тоа  ќе ми биде преокупација.  Сега по 3-4 часа дневно вежбам, после училиште прво јадам, па пишувам домашна и после тренирам. Па пак продолжувам со домашна и потоа одмарам.  Сакам и јазици, покрај македонскиот и германскиот јас паралелно ги учам и англискиот и францускиот. За се има време, вели таа.

До минатата година Илина едвај чекаше да дојде лето, па да дојде во Скопје. И додека беше тука на одмор, таа постојано тренираше.

-Ми се доаѓа во Скопје многу. Цела година чекав да дојде летото и многу ми беше жал што  летово не можевме да дојдеме. А многу сакав  кај баба и дедо, кај Нате братучетка ми, кај стрина и чичо. Сакам да ги видам сите, но место тоа, сега комуницираме само по телефон.  Се надевам дека следното лето ќе се вратиме во нормала и се ќе биде како порано, вели со надеж Илина.