Скијачка сезона и оваа година нема да има на Попова Шапка. Поради коронавирусот владата одлучи да не работаат ски лифтовите и жичниците на центарот, или во пракса на Шар Планина нема да има скијање. Ова ќе биде втора година по ред како Попова Шапка е без зимска сезона, откако лани поради како што истакнаа од раководството на ЕСМ, претпријатие кое раководи со центарот, немало доволно снег. Од Иницијативата да ја спасиме Попова Шапка, сметаат дека пандемијата е добра прилика и добар изговор за неработењето на центарот.
Од Ски Македонија, сметаат дека владата треба да ја преиспита одлука, затоа што има начини како ски центрите да работаат и во време на пандемија .
-Една од опциите за да им се дозволи на луѓето да излезат на чист воздух и сонце е функционирање на лифтовите без останатата пропратна инфраструктура, ресторани, бачила и слично. Тоа ќе го намали групирањето на одредени точки. Ски картите би се продавале онлајн, а контактот ќе биде сведен на минимум. Ски бусевите ќе треба да се исклучат од примена, а превозот би бил само со сопствени возила. Ски центрите ќе мора да функционираат со лимитирана дневна бројка на скијачи, со цел да не се создаваат редици на лифтовите и да има непречено движење без застој. Секое столче или котва ќе треба да се дезинфицира по неговата употреба. Но, колку навистина сме дисциплинирани тоа да го правиме ревносно е прашање со делумно познат одговор. Негативни искуства веќе има и тоа деновиве од италијанските ски центри каде за гондола се чекаше на ред без посебна дистанца и по бурната реакција на јавноста, италијанската влада веднаш издаде наредба за затворање. Некои од француските, германските и австриските центри заради владините мерки се на пауза до декември, некои се во мал рестарт заради припремите за зимската сезона која почнува од средина на ноември. Дел од глечерските центри кои работата во текот на целата година функционираат само за тренинзи на скијачките клубови, велат од Ски Македонија.
Од Иницијативата да ја спасиме Попова Шапка сметаат дека центарот може да се спаси само ако дојдат правилни менаџери, а не менаџери под државна капа и под силно влијание на политичките сили во државата.
-Знаеме какви функционери ги водат овие центри, треба тука да дојдат добри менаџери, а не како сега овие центри да ги водат луѓе кои се управувани од политички центри. Место за физибилити студии, требаше да се трошат пари за паркинг, да се пушти во употреба новата жичара, да има голем сервис на сите ски лифтови, ова се главните елементи кои не чинат многу, за разлика од парите кои беа потрошени за физибилити студиите. Попова Шапка е во лоша состојба затоа што политичките пазари доведоа до тоа Попова Шапка да не функционира како што треба.Ние сме се навикнале овие десет години да нема никаков развој, изгледа дека нашите политичари не знаат што може да се добие од центарот ако тој профункционира како што треба, ги имаме центрите од соседните земји и знаеме какви приходи има таму, а сега со вакви личности и институции кои управуваат со нашата земја ќе има само губитоци, истакна од Иницијативата да ја спасиме Попова Шапка.
И Универзитетскиот професор по туризам Арта Кадриу, смета дека не се инвестира во зимските туристички центри, особено на Попова Шапка. Сето тоа доведува до губење на туристите од година вгодина. Без инвестиции не можеме да привлечеме ниту домашни ниту странски туристи. На крај вели таа пандемијата ќе им стави капак на сите зимски туристички центри во државата.
-Ние како сектор едвај ги чекаме овие зимски сезони. Оваа година нема да има зимски туризам дека е забрането скијањето, но тоа не значи дека нема воопшто да има посетители. Но сепак сето ова ќе влијае негативно во развојот на економијата на локално и на централно ниво. За жал најголемиот проблем е во човечкиот фактор, немаме инвестиции, тоа е недостаток на Општина Тетово. Од државата има разни проекти за развој, но до каде се тие, е тоа е проблемот.Кога се работи за проекти тие треба да бидат реални и да се реализираат докрај. Ние ги губиме туристите затоа што немаме инфраструктура, истакна Универзитетскиот професор по туризам Арта Кадриу.
Со Скијачкиот центар Попова Шапка раководи јавното претпријатие ЕСМ. Досега за овој центар владата има нарачано неколку студии за развој, но ниту една не се реализира во пракса. Наместо парите да завршеа на најнеопходните работи во центарот како паркинг простор, ски лифтови и жичници, тие со години се трошеа на изработка на разни мастер планови кои останаа само на хартија, а центарот од година вгодина тонеше.
Зоран Димовски