Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага зимскиот распуст за учениците да почне од 15 декември. Според нив состојбата по училиштата и градинките станува крајно загрижувачка и обвинуваат за криење на бројката на заразени наставници и нефункционалност на образовниот систем.
– Во една познатата Скопска гимназија масовно се забележуваат отсуства на професори, а учениците не следат настава, не по нивна вина. Вешто се кријат причините за отсуствата, дали наставниците се во самоизолација или се позитивни, родителите не знаат, ниту пак нивните колеги. Оправдувањето е дека нема насоки од МОН. Иако треба учениците да се оценат до 20-ти, никој не знае како ќе се спроведе истото.Повеќе основни училишта во општина Аеродром не функционираат и наставниците и учениците се во самоизолација заради позитивни наставнички, но никој не знае да им каже ниту на родителите, ниту на децата до кога и зошто, кога „ протоколите перфектно се спроведуваат„?Што се случува со училиштата во Штип? Власта уште сака да оди на избори кога имаме над 2000 заразени месечно и над 20 мртви дневно, праша на прес-конференција Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив наставниците не можат да ги оценат учениците до 20.11, бидејќи децата немаат можност да следат настава, а и тие што ја следат, имаат настава со низок квалитет.
– Дополнително, решенија за самоизолација скоро и да не се издаваат. Се кријат бројки на заболени наставници и директори ,а позадината на тоа на сите ни е позната, образовниот процес по секоја цена мора да е успешен.И уште многу вакви случаи во скоро секое второ училиште, во секоја општина во државата.Во оваа држава, никој за хаосот не чувствува никаква одговорност, а наставниците очајно бараат заштита и за себе и за своите ученици.Поради сѐ ова и поради она што не се очекува, односно стивнување на епидемијата во скоро време, предлагаме, зимскиот распуст да започне од 15 декември 2020, а да заврши на 21.01.2021, ден понеделник. Така, учениците и наставниците би го избегнале пикот на епидемијата, кој нема веќе реден број, а министерката ќе има време и да го слушне гласот на наставниот кадар, родителите и учениците и да конечно да преземе нешто, потенцира Јанвеска и побара министерката Царовска да преземе одговорност и да понуди помош.


