Веќе девет години штипјанката, Билјана Рогожарска живее со дијагноза на астматичар. Двојно подолг е периодот во кој таа мора да се справува со проблемите кои и’ ги создава длабоката венска тромбоза. Од 2011 година, оваа жена вдишува и издишува со ограничен капацитет на белите дробови. Дури и во нормални услови дишењето за неа е вистински предизвик, а откако почна пандемијата, тоа е уште потешко бидејќи постојано е со заштитна маска, за која вели дека и’ пречи и при најмала физичка активност. И покрај неудобноста што ја чувствува, штипјанката строго се придржува до мерките за заштита од коронавирусот, бидејќи спаѓа во групата на хронично болни граѓани, за кои ковид-19 носи најголем ризик.
Макар што тие се најранливи во оваа пандемија, голем дел од нив мораа да се вратат на своите работни места, каде не секогаш се опкружени со луѓе кои носат маска или држат дистанца. Поради неможноста да дојдат до документ за ослобдување од работа, хронично болните бараат средба со ресорниот министер, Венко Филипче каде би му образложиле зошто треба да се промени правилникот за боледување на Фондот за здравствено осигурување. На социјалните мрежи повторно се актуелизира и петицијата за поддршка на овие граѓани кои се под ризик, со цел да може да останат во своите домови на безбедно.
Рогожарска работи како медицинска сестра во Клиничката болница во Штип и со мерките била ослободена од јули до септември, но со промената на одлуката по предлог на Комисијата за заразни болести морала да се врати на работното место. Поради природата на работата, таа сака да продолжи да ги извршува редовно своите работни обврски, но сепак е гласна во барањето на поголеми права за хронично болните граѓани, бидејќи како што вели, некој мора да излезе и да ги претстави нивните барања.
Идејата за јавното говорење во врска со оваа проблематика се родила со злоупотребите на документите за ослободување – раскажува Рогожарска за Македонски медиа сервис.
„Ние бараме да се преиспита одлуката, односно да се анализираат претходно издадените потврди бидејќи имаше злоупотреба. Нека се формира комисија и нека има санкции за тие кои се огрешиле. Бидејќи сакаме лично да се видиме со министерот, јас веќе испратив повеќе писма – до кризен штаб, до премиерот, до народен правобранител и до самиот министер. Ги испратив електронски и немам одговор од никој. Јавно преку медиумите го повикувам министерот и веќе не знам како да му ги предочам проблемите. Мора да не’ слушне за да му дадеме објаснување“, објаснува штипјанката за ММС додавајќи дека во март со владините мерки од работа биле ослободени лица кои еден месец претходно добиле бронхит, што не значи дека имаат астма.
Додека министерот, Филипче тврди дека граѓаните кои се навистина во ризик се дома, нашата соговорничка го оспорува тоа. Искуството досега покажува дека луѓето тешко доаѓаат до боледување или потврда за ослободување, заглавуваат во здравствените лавиринти и на крај се откажуваат.
„Кога се повлече одлуката во септември министерот вети дека луѓето со влошување ќе одат кај специјалист и специјалистот по основ на дијагнозата ќе даде препорака за боледување, а матичниот лекар ќе го даде и се’ ќе биде супер. Тоа не е точно. Значи се оди кај специјалист и тој ти дава препорака за 15 дена или за месец дена, многу ретко за 2 месеца. Потоа се враќаш кај матичниот и тој ти отвара боледување. Поради тоа што Правилникот за боледување во Фондот не е сменет, матичниот го испраќа боледувањето на комисија. Комисијата работи според дијагнози, значи боледувањата ги категоризира и одредува според дијагнозата, а не според тоа како се чувствува пациентот. Ако твојата дијагноза на пример е астма, има одредено време колку може да си на боледување и тука не се важи препораката од специјалистот. Имаме пациенти кои се на боледување, па одат кратко на работа, па пак на специјалист за да им отвори боледување. Тоа луѓето го прават константо овие два месеца, се шетаат до Скопје од другите градови за да отидат на специјалист и повторно сите тргнаа на работа бидејќи на крај, ќе се разболиш шетајќи по болничките ходници“, раскажува Билјана, која е дел од фејсбук групата „Поддршка за хронично болните во време на пандемијата covid-19“.
Таа ја негира статистиката дека на национално ниво има околу двесте илјади хронично болни. Вели, повеќе од половината од овој број се луѓе кои особено во летниот период оделе по ресторани или на одмор, а сега последиците ги сносат оние со најкревко здравје:
„Хронично болните се од старт со намален имунитет, земаат лекови што ја држат болеста под контрола и тие немаат доволно имунитет за борба. И со обичен грип не можат да се изборат, а камоли со вирусот за кој се’ уште не се знае доволно. Тие луѓе без разлика на целата заштита во смисла на маска и дистанца ако се на работно место каде нема можност за доволно дистанца, може да се заштитат себе, но не знаат со кој имаат контакт и колку долго може да имаат контакт со позитивно лице без да знаат дека е позитивно лицето. Имаме луѓе кои се водеа како хронично болни и седеа дома, додека децата им шетаа, значи пак е голема можноста вирусот да им влезе дома. Моето дете е тинејџер и со своите четиринаесет години многу сериозно ја сфаќа ситуацијата. Јас до јули одев на работа, но сепак мојот син излезе само 2 пати и тоа за да се повози со велосипедот. Едно дете ќе седи дома ако родителот му е поважен од другарите. Секое дете може да го разбере проблемот ако ти му објасниш дека периодот е таков каков што е“.
Билјана со синот Ѓорѓи
Бидејќи е медицинско лице, ја прашавме Билјана што мисли за задолжителното носење маска на отворено. Смета дека таа мерка е издржана:
„Мерката ја почитувам, иако маската ми пречи. Единствено не ја носам кога немам никој околу мене ако пешачам на Суитлак, или ако одам на Исарот. Маските се добри во град каде има фреквенција на луѓе, бидејќи може да се разминеме со некој кој ќе кивне или ќе се искашла, а не можеме да знаеме дали тој човек е носител на вирусот. Капките при кивање имаат можност до над еден метар да се движат во воздух, при кашлање малку помалку. Ако не носиш маска и се разминеш со некој кој ќе ти кивне и неговите капки дојдат до тебе ти потенцијално си заразен, а нема да знаеш каде. Не се сите луѓе совесни. Можеби некој ќе ме разбере погрешно, но јас се плашам од вирусот“.
Преку ММС таа упати и апел до сите граѓани кои не сакаат да носат маска, тврдејќи дека многу им пречи, додека луѓе кои и во нормални услови тешко дишат одлучуваат да се штитат на овој начин.
„Задолжително да се носи маска, да се држи дистанца со цел да се заштити и сопственото здравје, а потоа и здравјето на семејството. Ако еден медицинар работи 40 години на струката и е во сала под маска 12 часа дневно, а при тоа е жив и здрав, никој нема да настрада од маската ако ја носи една година додека вирусот да се стави под контрола. Ако не се заштитиме сами никој нема да не’ заштити. За добро на сите треба да се почитуваат мерките, се’ додека немаме соодветно решение за овој вирус“, завршува Рогожарска.
Проблемот кој таа го долови преку денешното интервју е воочен и од страна на здравствените власти. Имено, министерот Венко Филипче денеска потврди дека има неусогласенот меѓу специјалистите и комисијата и вети дека тоа наскоро ќе се реши. И покрај електронските докази дека се пратени дописи до сите надлежни институции, Филипче денеска изјави дека не добил никаков допис на оваа тема и додаде дека штом го добие ќе повика претставници од хронично болните на средба.
Вања Мицевска