За 8 години повеќе од 15.000 туристи го посетиле музејот за вино во Демир Капија – ММС
ММС

Објавено на: 07/10/18 12:37 PM

За 8 години повеќе од 15.000 туристи го посетиле музејот за вино во Демир Капија

8 години од отворањето на Музејот за вино во Демир Капија а повеќе од 15 илјади туристи поминале низ неговите одаи. Интересен како за домашните така и за странските туристи, кои ги има од секаде. Сите тие се интересираат за музејските поставки кои зборуваат за историјата, традицијата и културата во производство и преработка на грозје, раскажува за Канал77, проект менаџерот Звонимир Будимировиќ.

– Прва поставка во Музејот е археолошка збирка која претставува збирка на предметите од праисторијата до денес а поврзани за животот,втората поставка е винска галерија во која има предмети од целиот свет низ епохите, посветени на винската култура, а третата просторија е презентационен простор со филмска сторија за нашиот крај со презентација на нашето културно наследство овде и пошироко во Тиквешијата, изјави Будимировиќ.

Според Будимировиќ туристите ги интересира се, за природните реткости овде, винската приказна кај железната порта и винските патишта кои минуваат овде. Покрај трите поставки се работи и на отворање на уште две нови кои ќе понудат интересни приказни за посетителите кои се очекува да бидат во уште поголем број особено летниот период кога голем број туристи минуваат низ новиот автопат.

– Тоа е бројка која не е можеби голема но интересно е дека голем број на луѓе кои доаѓаат идат повторно а тоа ни дава мотив да се гордееме и да ја развиваме нашата дејност, вели Будимировиќ.

Музејот на вино е еден од четирите вакви музеи во Европа посветени на виноти и винските експонати и еден од дванаесетте вакви музеи во светот. Во неговата колекција има кристален бокал за вино кој е лична изработка од австриската кралица Марија Терезија, пехар чашата од Луј 14ти, предмети од различни периоди, стилови, форми и изработки, со иста намена, сервирање и конзумирање на виното.

Билјана Тошевски