За закрепнување на воздушниот сообраќај на национално и на глобално ниво е потребно да бидат отстранети рестрикциите за патување поради ковид пандемијата наметнати од земјите членки на ЕУ, бидејќи 77 проценти од сообраќајот на македонските аеродроми е концентриран во ЕУ, вели за МИА генералниот извршен директор на ТАВ Македонија Метин Батак.
Нивните и искуствата на останатите аеродромски оператори покажуваат дека патниците немаат страв од патување со авион. Алтернатива на мерките за карантин што го ограничуваат авиосообраќајот и значајно ги намалија дестинациите за патување, според глобалната авијациска иницијатива на Меѓународниот совет за аеродроми (ACI) и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), е глобално-конзистентен пристап кон тестирање на меѓународни патници.
Брзото тестирање, според анкетите на релевантните воздухопловни институции е прифатливо и за патниците, но сепак, проценките се дека закрепнувањето на воздушниот сообраќај ќе се одвива бавно.
Од скопскиот аеродром моментно се достапни 21 дестинација: Истанбул, Виена, Загреб, Белград, Цирих, Малме, Базел, Лондон, Дортмунд, Минхен (Меминген), Гетеборг, Ајндховен, Франкфурт, Стокхолм, Келн, Фридрихшафен, Хамбург, Нирнберг, Берлин, Копенхаген, Турку. Според најавите на Визер, од 10-ти декември тие треба повторно да ги вратат линиите до Братислава, Париз, Малта, Баден-Баден, Брисел, Будимпешта, Рим, Венеција и Милано. Од аеродромот во Охрид во моментов е оперативен само Цирих (од 7 ноември), додека од средината на декември најавено е дека повторно ќе се лета и до Лондон, Базел, Малме, Виена и Дортмунд. Сепак, укажува Метин, треба да се земе предвид дека поради Ковид-19, авиокомпаниите многу често го менуваат редот на летовите, така што сите најави може да претрпат промена.
-Од почетокот на кризата со Ковид-19 и затворањето на двата аеродроми во Скопје и во Охрид од март до јули 2020, како една од мерките на Владата за превенција на влез и ширење на вирусот, вкупно 18 авиолинии беа откажани од скопскиот и охридскиот аеродром, четири редовни линии од Скопје и 14 сезонски линии од Охрид. Од 1 јули ограничувањата се укинуваат постепено, во зависност од индивидуалните одлуки на земјите и регионите, а воздушниот сообраќај и авиокомпаниите се враќаат во функција врз основа на тие одлуки. Откако ќе бидат укинати сите ограничувања, очекуваме да се вратат сите авиокомпании, информира генералниот директор на ТАВ Македонија.
Најголемиот предизвик за македонскиот воздушен сообраќај, како што појаснува, во моментов не е стравот од заразување при патување со авион. -Иако, на почетокот, мислевме дека овој психолошки фактор ќе влијае врз закрепнување на воздушниот сообраќај, сведоци сме на различна состојба – имаме полни летови со патници. Ова покажува дека луѓето кои имаат потреба и сакаат да патуваат, не се плашат од вирусот. Тие ги почитуваат мерките на претпазливост, ги преземаат потребните заштитни мерки и патуваат по воздушен пат, додава тој.
Според Батак, дополнителен репер дека Меѓународниот Аеродром Скопје е безбеден, во овие времиња на глобална пандемија, е акредитацијата од Меѓународниот Совет на Аеродроми (ACI) што ја добиле на почетокот на минатиот месец, кojа што претставува нов меѓународен репер за спроведените здравствени мерки на аеродромите ширум светот, креирана за да помогне да се увери патувачката јавност дека аеродромските објекти остануваат безбедни и оти се преземаат мерки на претпазливост за да се намали ризикот по нивното здравје.
Аеродромот во Скопје е еден од првите 60 аеродроми во светот кои го добија овој сертификат од ACI, од вкупно 350 аеродроми ширум светот кои аплицираа во рамки на програмата за здравствена акредитација на аеродромите.
-Аплициравме на Програмата за здравствена акредитација на аеродроми на ACI и целиот процес на ревизија траеше од февруари 2020 година до август 2020 година. Стручни лица за здравје и безбедност на ACI ги проверуваа аеродромските процеси, вклучително и Аеродромскиот план за подготвеност при јавно-здравствена вонредна состојба од меѓународно значење, Протоколот на ТАВ Македонија за работење на аеродромот при пандемија, како и Планот за дезинфекција на терминалот на Меѓународниот Аеродром Скопје. Здравствената акредитација на аеродроми на ACI е глобално признание и доказ за нашите постојани напори и посветено работење на одржливи здравствени мерки на аеродромот. Ние навистина веруваме дека ова дополнително ќе ги увери нашите патници дека нивните патувања преку Меѓународниот аеродром Скопје се и ќе бидат безбедни. Покрај oва, ризикот патник да се зарази со КОВИД-19 додека патува со авион е многу мал, вели Батак.
Упатува на истражувањата на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) кои покажуваат дека се регистрирани само 44 потенцијални случаи на пренос на вирусот поврзани со авионски лет, од вкупно 1,2 милијарди патници од почетокот на годинава, што претставува еден случај на секои 27 милиони патници.
-Знаејќи го сето ова, би сакале да нагласиме дека нашиот најголем предизвик се ограничувањата за патување за македонските граѓани воспоставени од земјите-членки на ЕУ. Имено, граѓаните со македонски пасоши не можат да влезат во ниту една држава од ЕУ, освен ако не се есенцијални работници (најчесто се однесува на медицински работници) или имаат одреден тип на виза (зависи за која држава се работи). Дополнителен проблем е фактот дека различни ЕУ држави имаат воведено различни рестриктивни политики поради КОВИД-19. Нема координиран пристап кон проблемот во ЕУ и тоа ги засега сите земји лоцирани во географска Европа и пошироко.Ова е надворешен фактор што ние како аеродромски оператор не можеме да го ублажиме, појаснува Батак.
Постои глобална авијациска иницијатива предводена од Меѓународниот совет за аеродроми (ACI) и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), кои заедно повикаа на глобално-конзистентен пристап кон тестирање на меѓународни патници како алтернатива на мерките за карантин. Согласно предлогот на овие организации, владите мора да соработуваат за да се отстранат рестрикциите за карантин и да се започне патувањето со авион. Систематски пристап за тестирање за Ковид-19 ќе даде ефективен начин за владите да бидат сигурни повторно да ги отворат на границите без воведување карантин.
-За закрепнување на воздушниот сообраќај на национално и на глобално ниво е потребно рестрикциите за патување наметнати од земјите членки на ЕУ да бидат отстранети, бидејќи 77 проценти од сообраќајот на македонските аеродроми е концентриран во ЕУ. Се надеваме дека владите низ целиот свет ќе ја слушнат оваа иницијатива преземена од IATA и ACI, како и другите воздухопловни власти на ЕУ и ќе преземат брзи заеднички чекори што ќе го поддржат закрепнувањето на воздушниот сообраќај, посочува генералниот директор на ТАВ Македонија.
Неблагодарно е, укажува, да се предвидат бројките на патници, особено затоа што главниот ограничувачки фактор за обновување на македонскиот воздушен сообраќај се ограничувањата за патување за македонските граѓани воведени од ЕУ, што не зависи од нас како аеродромски оператор. Покрај овој предизвик за локалниот пазар, треба да ги земеме предвид и сите предизвици што КОВИД-19 ги предизвика во авијацискиот бизнис ширум светот. Авиокомпаниите се соочуваат со внатрешни промени, предизвикани од Ковид-19 и тоа повлекува глобално репозиционирање на нивните мрежи на дестинации, што пак зависи од ограничувањата за патување на различните пазари.
-Поради сето ова очекуваме бавно закрепнување на воздушниот сообраќај, не само за македонските аеродроми, туку и за сите аеродроми во рамките на групацијата ТАВ аеродроми. Ќе бидат потребни неколку години, аеродромите во Скопје и Охрид да се вратат на нивоата на патнички сообраќај што ги имавме пред кризата, вели Батак.
Во првите девет месеци 69 процентен пад на патничкиот сообраќај
Во првите девет месеци од годинава ТАВ Македонија има 69 проценти пад на патничкиот сообраќај. Од јануари до септември имало само 632.581 патник на двата македонски аеродрома, во споредба со истиот период лани кога имаше 2.052.829 патници и на скопскиот и на охридскиот аеродром. Бројот на летови во истиот период, во првите девет месеци од 2020 година е намален за 59 проценти.
Статистичките податоци за бројот на летови покажува дека воздушниот сообраќај кон, од и во рамките на европскиот континент е намален за 66,3 проценти оваа година во споредба со минатата. Најновите податоци за бројот на превезени патници во воздушниот сообраќај откриваат дека патничкиот сообраќај во рамките на ЕУ е опаднат за околу 78 проценти. Најновото истражување на реномираната меѓународна Акциска група за воздушен транспорт (ATAG) за влијанието на ограничувањата на Ковид-19 покажува дека падот на воздушниот сообраќај може да резултира со пад на вработеноста за 52 проценти во рамки на авиоиндустријата во Европа, што би значело загуба на околу седум милиони работни места. На тој начин европските економски активности во оваа сфера годинава би претрпеле загуба од безмалку 450 милијарди евра. Поради тоа, според директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев, очигледно е дека е неопходно преземање на итни и координирани мерки и активности за да се спречи уште поголема економска катастрофа во сферата на воздушниот сообраќај.
Во осврт за предизвиците на авиосообраќајот Тунтев се приклучува на тврдењата на претставниците на најрелевантните европски воздухопловни организации и здруженија дека воведувањето на единствен и унифициран протокол за тестирање на патниците пред да патуваат ќе овозможи безбеден, ефикасен и усогласен начин за реализација на патувањата во воздушниот сообраќај. Од друга страна, тоа би значело намалување на ризикот за пренос на заразните болести, поголем степен на заштита од вирусот и стимулирање на економските активности, за сите држави на европскиот континент.
-Предложената рамка се заснова на два главни принципи: карантините и едностраните забрани во државите треба да се заменат со тестирање на патниците пред поаѓање, базирано на протокол за тестирање на ЕУ за патувања, односно на употреба на брз и ефикасен тест, а ограничувањата за патување мора да бидат координирани и засновани врз заедничка проценка на ризик, која ќе се прави со единствени критериуми и заеднички систем за кодирање во боја, односно мапирање на критичните области и региони, вели Тунтев за МИА.
Воведувањето еднострани забрани, карантини, изолации и други ограничувања при патувањето од страна на државите, како што забалежува, му нанесе огромни штети и загуби на воздушниот сообраќај. Тунтев додава дека закрепнувањето од последиците од кризата со Ковид-19 на сите субјекти во европската авиоиндустрија ќе одеше многу побрзо, доколку се применуваше координиран, заеднички и услогласен пристап од страна на поодделните европски држави. -Воздушниот сообраќај не „трпи” примена на различни, па дури во одредени периоди и спротивставени национални стандарди, препораки и практики во различни држави. Примената на универзални правила и усогласени мерки се основната претпоставка за успешно враќање на патниците во воздушниот транспорт. Владите на државите, односно телата и органите на ЕУ мора да пронајдат применливи алтернативни решенија со кои ќе се избегне затворање на границите и еднострано воведување на карантин, изолација и други ограничувања и забрани, вели Тунтев.
За ова да стане применливо и одржливо, како што појаснува, неопходно е да бидат преземени повеќе мерки и активности. Владите треба да овозможат повторно отворање на границите без карантин, со спроведување на систематско, брзо и ефикасно тестирање на сите меѓународни патници пред поаѓање. Тестирањето треба да биде брзо, прецизно, едноставно, лесно мерливо и прифатливо, со употреба на технологија што може лесно да се управува. Воедно владите треба проактивно да го воведат брзото тестирање, преку следење и примена на неопходните регулаторни одобренија, при што треба да се даде приоритет на авијацијата кога станува збор за распределување на достапни брзи тестови.
Глобалните стандарди за тестирање треба да бидат договорени и усогласени преку Меѓународната организација за цивилно воздухопловство ICAO, така што тестовите спроведени во една држава при поаѓање на патникот да бидат прифатени од страна на надлежните државни органи на која било друга држава по пристигнувањето на патникот. Нагласува дека е потребна е примена на систематски и усогласен пристап кон следењето на контактите, како дополнителна активност за ублажување на ризиците.
Генерално патниците поддржуваат употреба на брзи тестови
Резултатите од направените анкети досега покажуваат дека патниците ја поддржуваат употребата на брзи тестови. Глобалното истражување на јавното мислење што го направи IATA во текот на јуни ја потврди поддршката на Европејците за примена на тестирање на Ковид-19 на патниците во процесот на патување во воздушниот сообраќај.
Шеесет и пет проценти од анкетираните патници мислат дека не треба да се применува карантин од страна на државните власти доколку некое лице има негативен тест за Ковид-19, 83 проценти од патниците воопшто не би размислувале да патуваат повторно доколку тоа вклучува 14-дневен или 10-дневен карантин по патувањето, а 84 проценти од анкетираните се согласуваат дека е потребно тестирање на Ковид-19 од страна на сите патници во воздушниот транспорт. Осумдесет и пет проценти од анкетираните, пак, рекле дека биле поприлично или многу загрижени затоа што морале да одат во задолжителен карантин по реализираното патување, а 88 проценти се подготвени да подлежат на тестирање како дел од процесот на патување.
Покрај отворањето на границите и непреченото движење на луѓето, истражувањето на јавното мислење исто така покажало дека употребата на брзи тестови ќе помогне во обновата и закрепнувањето на сите сегменти во воздушниот сообраќај и враќање на довербата во авијацијата. Испитаниците го идентификувале спроведувањето на мерките за скрининг на Ковид-19 со брзи тестови како втор критериум за да се чувствуваат безбедно, веднаш по критериумот за задолжително носење на заштитна маска.
МИА