Пак повеќе од илјада новозаразени и повеќе од 20 починати од Ковид-19 во земјава – ММС
ММС

Објавено на: 11/14/20 9:14 AM

Пак повеќе од илјада новозаразени и повеќе од 20 починати од Ковид-19 во земјава

Бројот на новозаболени од Ковид-19 и вчера остана над илјада. Прилив на пациенти има, но министерот за здравство уверува дека има слободни болнички кревети и доволно кадар за да бидат згрижени сите пациенти. Се работело и на поставување на ковид-центрите, а првите ефекти од рестриктивните мерки се очекуваат за недела до две.

Министерството за здравство синоќа излезе со информација дека во изминатото деноноќие се регистрирани нови 1064 случаи од тестирани 3096 лица. Податоците од здравствените власти покажаа дека битката со вирусот ја изгубиле 25 пациенти од кои најмладиот на 34-годишна возраст. Скопје и натаму останува град со најголем број ново заболени – 541, а двоцифрени бројки на новозаболени регистрираат и Куманово,Тетово, Штип, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Кичево, Струмица, Струга, Гевгелија, Радовиш, Кочани, Свети Николе и Неготино.

Во следните денови, според најавите на здраствените власти, ќе се дефинира и прашањето дали учениците од средното медицинско училиште ќе се вклучат со работата на одделенијата каде не се третираат ковид пациенти за да може поискусните медицински сестри да работат со ковид пациентите. Одлуката ќе биде донесена во консултација со сите засегнати страни.

Во следните недела до две се очекуваат и ефектите од рестриктивните мерки кои сега се на сила. Во овој период, здравствените власти, очекуваат да се стабилизира и бројот на новодијагностицирани пациенти.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 44898. Бројката на оздравени е 26289, а на починати 1263. Активни се 17346.

МИА