Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е во тага бидејќи како што вели, Македонија никогаш не била во полоша состојба од денес. Тој вечерва преку видео обраќање ја искритикува власта за начинот на кој се справува со вирусот.
Загубата на нашите најблиски, роднини и пријатели, за министерот и премиерот се само ноќна статистика. Но, сакам да ги потсетам дека тие луѓе кои ги губиме биле прекрасни родители, дедовци, работници, доктори или учители кои сме ги изгубиле засекогаш, и како семејства и како држава. Апелиравме неколку пати да се ослободат хронично болните од приватниот и државниот сектор. Апелиравме за да ги заштитиме, но Заев и Филипче останаа глуви не знам од кои причини. Затоа треба да знаат дека секоја човечка загуба е дел и од нивната одговорност. Болниците се полнат, медицинскиот персонал е преморен – вели тој во обраќањето.
Според него, државата е поразена, а цената ја плаќаат граѓаните.
Ве молам, останете дома ако немате потреба да излегувате. Бидете на сигурно, со вашите блиски. Носете маска и заштитете се. Ако владата не е способна да Ви помогне, помогнете си сами. Секој човек е важен, и животите не се бројки и проценти- додава опозицискиот лидер.


