Српски „Спортклуб“: Горан Пандев – човек од кого треба сите да учиме – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/20 7:48 PM

Српски „Спортклуб“: Горан Пандев – човек од кого треба сите да учиме

Тешко е да се замисли некој кој повеќе заслужил лично да постигне гол што ќе му го донесе на својата држава најголемиот успех во фудбалската историја. Човекот кој никогаш не се откажа, конечно во својата 37 година го дочека она што го круниса како вистински фудбалски бесмртник.

Помина Елиф Елмас по левата страна, формираше триаголник со Илија Несторовски и херојот на нацијата, до кого после одличната размена дојде топката. Толку пати Горан Пандев се има најдено во слична ситуација – вешто со десната нога ја прими топката, давајќи фор себеси, а потоа со левата „надворешна“ го матираше голманот Лорија.

Студениот четврток во Тбилиси се претвори (засега) во последно поглавје на најубавата фантазија во историјата на македонскиот фудбал, а секој жител на оваа балканска земја знаеше кој е неприкосновениот лидер на теренот и надвор од него, кој е човекот поради кого сите се радуваат. Во прашање е 37-годишнен човек од Струмица, кој низ годиниве лично придонесе за популаризацијата и квалитативното издигнување на македонскиот фудбал.

Koга заврши мечот, репрезентацијата на Македонија како гостин ја совлада селекцијата на Грузија со 0:1 и стана јасно – „Црвените рисови“ за првпат во својата историја обезбедија пласман на едно големо натпреварување. Ќе настапат на Европското првенство во јуни следната година, а во групата Ц противници ќе им бидат Холандија, Австрија и Украина.

Македонците го прославија успехот на стадионот „Борис Паичаѕе“, сосема логично – на рамена го кренаа човекот без кого ова не би било замисливо, ниту пак можно. Не дека и пред овој гол постоеше дилема која е најголемата фигура во македонскиот фудбал – Горан Пандев е играчот кој има најголем број на настапи за македонскиот национален тим (114) и има постигнато највеќе голови (36).

Од своето деби за државниот тим во 2001 година, Пандев стана персонификација на македонскиот фудбал затоа што во сите работи беше протагонист. Играше за Македонија во 2008 година кога селекцијата го оствари најдобриот пласман на ФИФА ранг-листата (46 место), а беше тука и во 2017 година кога репрезентацијата беше 166 во светот.

Беше тука и за промената на името на државата и фудбалскиот сојуз, а настапуваше на националниот стадион кога се викаше „Градски стадион“, кога се викаше „Филип Втори“, а и денес кога се вика „Арена Тодор Проески“. Кога Македонија го доживеа најтешкиот пораз во историјата (6:1 против Чешка во 2005 година), единствениот стрелец за поразените беше токму Пандев.

Пандев досега учествуваше во пет квалификациони циклуси за Европско, а Македонија во нив по редослед беше: четврта од пет тимови (Португалија 2004), петта од седум тимови (Австрија и Швајцарија 2008 година), петта од шест тимови (Полска и Украина 2012 година), шеста од шест тимови, позади Луксембург (Франција 2016 година). Сличен резултат се случи и при обидите на Македонија за Мундијал – во квалификациите за Бразил 2014 беа последни во групата.

И на ум не му падна да се откаже. Да се опрости од репрезентацијата, да каже „Не ми треба ова“. А и те како можеше. Единствениот мотив за играње во националниот тим беше оној кој треба и да биде – желба за успех во фудбалот во својата татковина. Позади Пандев е фантастична клупска кариера, изградена исклучиво во Италија.

Поливалентниот напаѓач играше во Специја и Анкона како позајмен играч, а потполно се афирмираше во Лацио во периодот од 2004 до 2009 година, освојувајќи со римјаните Копа Италија. После тоа следуваше професионалниот врв, преминот односно враќањето во Интер.

Пандев беше дел од генерацијата на Жозе Мурињо која со Интер освои Скудето, национален куп, Супер Куп и Лига на Шампиони, како и Светско клупско првенство од 2009 до 2010 година.

Играше Пандев каде што е потребно – во срцето на нападот, на крило, офанзивен везен играч, скоро па „рунијевски“, некои говореа. И не беше исцеден, имаше уште многу да пружи во клупската кариера. Во Интер се задржа до 2012 година, а потоа настапуваше за Наполи, кратко за Галатасарај и сега за Џенова.

Пандев работеше и на развој на клупскиот фудбал во својата држава. Пред 10 години го формираше клубот Академија Пандев, чиј првобитен цел е развој на млади играчи, но како што растеше со годините  стигна до настап во елитниот ранг на македонскиот фудбал. Претходната сезона тимот имаше и прв излет во Европа, но во квалификациите за Европа Лига беа елиминирани од Зрињски.

И покрај се, мотивот да се натпреварува во дресот на Македонија не недостасуваше. Една компонента во големата кариера, недостасуваше. Впечатлив успех на репрезентацијата. Тоа беше инспирација да во 37 година некој кој се докажал безброј пати и понатаму се бори како да е младинец што тукушто дебитирал.

Сето замисливо во црвениот дрес на македонската репрезентација „изгура“ Горан Пандев. Знаете ли што направил со дресот во кој против Латвија го одигра стоттиот натпревар за националниот тим? Го продаде на аукција една година подоцна и добиените пари ги уплати во фондот на болница која се бори против коронавирус.

Во прашање е еден човек од кого сите фудбалски асови и ентузијасти, особено од Балканот, можат многу да научат.

 

Извор:

sportklub.rs / Nikola Novakovic