Неколкуте силни потреси на тлото на Општина Маврово – Ростуште не предизвикаа сериозни штети, но внесoa голем страв кај населението од овој регион. Тие не паметат вакви силни тресења на земјата. Добро е што земјата се смири. Штетата не е голема. Дојдоа од општината да направат некои проценки за оштета, но најлошото помина раскажаа мештаните. Освен материјални штети. земјотресот во оваа рурална општина предзивика и одрон на патот Маврово – Дебар, како и заматување на изворите, од кои мештаните се снабдуваат со вода за пиење.
Ваквите штети доволно говорат дека се работи за силни потреси, велат експертите. Се работи за неколку потреси од кои два поголеми, едниот во средата на 11 ноември неколку минути пред 5 часот, а другиот истиот ден околу 15 25 минути. Сеизмолозите утврдија дека се работи за земјотрес од 5 степени според Рихтер, или потрес со јачина од 6,6 степени според Меркелиевата скала.
Професорот по конструкција Енис Јакупи, за ММС вели дека очекувани се ваквите земјотреси во овој регион, на секои 50 години. Населението тука се спаси, затоа што во овој регион нема висококатници кои се многу осетливи на вакви потреси.
-Таму каде што имаше земјотрес е реон кој припаѓа на трусно подрачје на потег од Гостивар се до Дебар и во ваквите реони е очекувано да има потреси на секои 50 години. Среќа во несреќа е што во овој регион немаме високи градби, претежно се работи за индивидуални објекти, вели универзитескиот професор Енис Јакупи.
Дали Мавровското езеро влијаело на силните потреси?
Земјотресот во Маврово го отвори прашањето дали можеби езерото влијаело на силните потреси. Од Стопанската Комора за Енергетика на Македонија реагираa на својата официјална Фејсбук страница со следнава содржина:
-Земјотресите настануваат како последица на неконтролираното празнење и полнење на езерата. Исто тоа се случи 1963, многу дожд и наеднаш земјотрес. Земјотресот е последица од празното езеро кое сега наеднаш се полни, а тоа предизвикува оптеретување на земјините плочи и предизвикува притисок и поместување, истакнаа од Стопанската комора за енергетика.
Професорот Јакупи смета дека езерото може само да го забрза времето односно процесот овој регион да го погоди земјотрес.
-Кажавме и претходно дека во оваа рурална општина очекувани се вакви земјотреси на секои 50 години. Е сега водата со која сега се полни езерото, може да го забрза овој процес да имаме тука земјотрес можеби неколку недели порано. Но, она што треба да се истражува и да не загрижува се губитоците на вода од ова езеро. Се работи за губитоци од над 300 литри вода во секунда. Каде оди таа вода треба да се испита и таа вода можеме да кажеме дека има влијание на тектонските пореметувања на земјата.
Лошите градби убиваат луѓе, а не земјотресите
Најновите истражувања покажале дека во Македонија може да има земјотрес со јачина и до 9 степени според Меркелиевата скала, како тој во Драч соседна Албанија. Таму земјотресот предизвика големи штети, а имаше и човечки жртви.
Експертите велат дека земјотресот не убива луѓе туку лошите градби кои треба да се градат според стандарди, за да издржат вакви потреси и до 9 степени според Меркелиевата скала. Во Албанија висококатниците не го издржаа потресот, иако биле градени според нормативите дека ќе издржат , но тоа очигледно е ставено само на хартија, како и овде во нашата земја вели професорот Јакупи.
-Нашите објекти треба да издржат земјотрес до 9 степени според МКЗ скалата, но тоа е според проектот. Прашањето е дали се гради објектот според проектот и затоа инспекторите треба да одат повеќе на терен. Проектот најчесто се носи во општина и таму нема кој да го контролира. Нема градежен инжинер во општина што знае да го прочита проектот. Дури имаме општини кои немаат градежни инжинери. Тука треба силна контрола ,а инспекторите треба да бидат на терен. Да не гледаат дали мајсторот е облечен како што треба, туку тој треба да го следи градењето на објектот, односно дали се гради според проектот. Јас не сум гледал во ниту една градежна книга некој инспектор да даде забелешка. Значи ние имаме нормативи, но во пракса тоа не се случува, вели Универзитетскиот професор Енис Јакупи.
На која длабочина се земјотресите?
Во светот постојат четири активни подрачја за појава на земјотреси, а ние спаѓаме во втора категорија. Тоа е Албанија, дел од Македонија, цела Грција, дел од Бугарија, Турција и дел од Италија.
Зоран Димовски
Фото: Фејсбук