МЗ: Болнички се лекуваат 702 пациенти, слободни кревети има речиси во сите ковид центри – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/20 4:10 PM

МЗ: Болнички се лекуваат 702 пациенти, слободни кревети има речиси во сите ковид центри

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во земјава е пријавено дека се лекуваат 569 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнителни 133 болни, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на ковид-19 вирусот, кои болнички се лекуваат во ковид центрите е 702, соопшти Министерството за здравство.

Во болниците во внатрешноста, како што се посочува, има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 58 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 48 пациент, во Велес се лекуваат 67 болни, а во Куманово 73 пациенти позитивни на Ковид-19. Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 95 пациенти, во Прилеп 91, во ковид центарот во Гостивар 42, а во Струга 30 позитивни и ковид суспектни пациенти. Во болницата во Струмица има 30 пацинети, во Кочани 23, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 11 лица позитивни на корона вирусот. Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, истакнуваат од Министерството.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.