На овој голем ден ја славиме храброста и пожртвуваноста на ослободителите, рече Шилегов на одбележување на 13 Ноември – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/20 2:56 PM

На овој голем ден ја славиме храброста и пожртвуваноста на ослободителите, рече Шилегов на одбележување на 13 Ноември

На овој голем ден ја славиме храброста и пожртвуваноста на  ослободителите на Скопје. На овој голем ден ја славиме слободата. Слободата која што ја извојуваа ослободителите жртвувајќи ја својата младост и своите животи, за да можеме ние денес слободно да живееме, рече денеска градоначалникот на Град Скопје по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје по Втора Светска Војна.

Градоначалникот денеска положи цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, на вечното почивалиште на генералот Михајло Апостолски и пред Споменикот на ослободителите на Скопје.

Во својот говор пред Споменикот на ослободителите тој рече дека токму ослободителите најдобро знаат оти борбата за слобода не е лесна, и колку е многу потребна да се освои најголемиот човечки идеал – слободата. 

– Орце Николов, Вера Јоциќ, Цветан Димов, Раде Јовчевски Корчагин, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Даме Крапчев…се само дел од многуте борци коишто ги положиле своите животи за нашата подобра иднина и за слобода на нашето Скопје, рече Шилегов.

Нашиот град, како што додаде, загубил 4.654 сограѓани, од кои што 956 во борбите, а 3698 како жртви на фашистичкиот терор. Скопје, посочи Шилегов, го изгуби и речиси целокупното свое еврејско население. 

-Ова се бројки коишто во душа на еден човек  раѓаат и тага, но во исто време измешано чувство на гордост. Ова се бројки каде што сме изгубиле една заедница, а денес шареноликоста на овој град е толку карактеристична како ретко кој град во светот со сопствената шареноликост, рече Шилегов.

Меѓутоа, како што додаде, ова се бројки кои непобитно кажуват дека сме ја достигнале кулминацијата во бробата за нашата самостојност, нашата независност, нашата посебност како народ и вековна борба на еден мал, горд, упорен, достоинствен македонски народ, да ја круниса сопствената држававност. 

-И токму заради тоа ние сме горди на нашата историја. И токму заради тоа ние немаме комплекси од  нашата историја. И заради тоа што немаме комплекси од нашата историја не сакаме да исправаме ничии други истории. Меѓутоа, не дозволуваме никој да ја исправа нашата историја, појасни тој.

Според Шилегов, ние покажавме дека како народ сме имале основно чувство да бидеме на вистинската слободарската страна, кога целиот свет бил зафатен од лудилото на фашизмот. 

Затоа, како што рече, да го славиме овој ден, да ја славиме слободата, да ги славиме ослободителите. 

Градоначалникот додаде дека новиот мост што се гради во градот Скопје, во продолжение на булеварот „АСНОМ” ќе предложи до Советот на Град Скопје да биде именуван како Мост на „Генерал Михајло Апостолски”, кој ќе продолжува до булеварот „16 Бригада”.  

Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОБ, во говорот пред Споменикот на ослободителите рече дека сме сведоци на оспорување на нашиот национален македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Посочи дека борците се посебно чувствителни кога се омаловажувани и кога се негира народно-ослободителната борба.

-Ние борците многу добро знаеме против кого се боревме и со какви жртви. Особено сме погодени кога се омаловажува и негира нашата НОБ и светлите датуми во неа како и почетокот на востанието 11 Октомври и круната на вековната борба АСНОМ. Ние многу добро знаеме како се водеа тие борби, против кого се водеше таа борба и со какви жртви се издвојува слободата, рече Стаматоски.

По повод одбележувањето на 76-годишнината од ослободувањето на Скопје, на настанот организиран од Град Скопје, денеска и владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, а во придружба на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири положи свежо цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел.

Во чест на борците кои на 13 ноември 1944 година ја донесоа слободата, членовите на владината делегација оддадоа почит и положија цвеќе и на Алејата на заслужните и пред Споменикот на Ослободителите во дворот на Владата.