Дваесет и три ученици од втората генерација на проектот „20-20-20″ во ОСТУ „Гостивар” добија таблет компјутери кои ќе им користат во изведувањето и следењето на дигитална настава
Во рамки на поддршката на проектот за дуално образование „20-20-20″, компанијата ЕВН Македонија на пригодна свеченост во ОСТУ „Гостивар”денес ги врачи таблет компјутерите.
Раководителот на Корисничкиот Енерго Центар на ЕВН во Тетово, Ардит Садику зборуваше за важноста на поддржувањето на најмладите во овој период на дигитализација.
– Горди сме што за време на пандемија им излеговме во пресрет на најмладите во најважниот сегмент од животот – едукација. Сведоци сме дека во новата нормала на живеење, дигитализацијата стана неодвоен дел од животот на секој човек, а особено за учениците. Целава ситуација им наметна нов неопходен начин на функционирање и едукација, а од друга страна обезбедувањето на дигитални уреди претставува голем товар за најмладите, рече Садику.
Директорот на училиштето Бесир Салиу, искажа благодарност на соработката со ЕВН и тековното одвивање на проектот.
– Проектот на „20-20-20″ е значаен и ја разбуди во голема мера заинтересираноста кај учениците од Гостивар и регионот. Годинава за запишување во втората генерација имаше многу заинтересирани. Учениците на ЕВН паралелките се многу задоволни и покажуваат големи успеси благодарение на одличното менторство од вработените на компанијата, рече Салиу.
Годинава како четвртата генерација на проектот „20-20-20″ во училиштето се запишаа ученици „Михајло Пупин” во Скопје. Во рамки на проектот, во 2019 година се отвори првата ЕВН паралелка и во Гостивар.
Учениците кои се дел од оваа програма имаат практична обука според европски стандарди и стекнуваат вештини потребни на пазарот на работна сила. Учениците на располагање имаат опремени кабинети со опрема и материјали донирани од Компанијата, какви што користат и нејзините вработени при обавувањето на секојдневната работа. Учениците при процесот на учење преку работа се менторирани од страна на стручни електромонтери и електроинжинери од ЕВН и по нивното успешно завршување на образованието ќе имат можност за вработување во компанијата.
з. г. м.