Почесни граѓани на Гостивар од денес се инфектолозите Фадил Цана, Илир Демири, Ратко Наумовски, Енес Мемети и Месут Хасипи и признанието постхумно му е доделено и на д-р Трајче Нешковски. Предлогот на градоначалникот Арбен Таравари ја доби поддршката од Советот на општината на 29-та седница.
-Пред неколку дена му предложив на Советот, тројцата лекари кои се борат со Ковид 19 на скопските клиники, Цана, Демири и Нешковски да бидат прогласени за почесни граѓани. Таквото признание го заслужуваат и нашите сограѓани лекарите Ратко Наумовски, Енес Мемети, Месут Хасипи кои се во првите редови во сузбивањето на пандемијата во Гостивар, рече градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.
Признанијата „почесен граѓанин“, според најавите свечено ќе бидат врачени на 23 декември за Денот на општина Гостивар. Претходно, лекарите добија благодарници.
Денешната седница, заради исполнување на протоколите и мерките за заштита се одржа во големата сала на ХЕЦ Маврово. Покрај другите точки меѓу позначајните беше и изгласувањето на развојната програма за 2021 година. Во неа се предвидуваат над 100 капитални проекти. Дашмир Османи од Канцеларијата за локален економски развој на општина Гостивар, рече дека пандемијата ќе има негативно влијание и во текот на 2021 година. Тој напомена дека планираните инвестиции нема да се реализираат според предвиденото и можно е некои да бидат изоставени. Прогрмата привично “тежеше“ над 20 милиони евра, но заради намалените приходи и условите кои настанаа со пандемијата, таа најверојатно за 60-70 проценти ќе биде намалена.
з. г. м.


