Преименување на Музејот на ВМРО и повеќе документи наместо восочни фигури – ММС
ММС

Објавено на: 07/10/18 11:29 AM

Преименување на Музејот на ВМРО и повеќе документи наместо восочни фигури

Неколку закони се прекршени при изградбата на Музејот на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на Внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот. Ова го констатирала работната група формирана од Министерството за култура, која по разгледувањето на 270 документи изготвила елаборат од 31 страница.

Донка Барџиева Трајковска, која е дел од работната група оценува дека изградбата на Музејот преминала во импровизација. Изработувани се восочни фигури за лица за кои нема фото документација, а при тоа прикажани се насилни сцени со аудио визуелни ефекти – истакна Барџиева Трајковска денеска на брифинг со новинарите.

„Имаме прекршување на Законот за Буџет и Законот за спроведување на  Буџетот, во однос на неадекватната позиција, со тоа што токму изградбата на овој Mузеј е ставена во дејност – музејска и кинотечна дејност. Тоа е веќе прекршување и злоупотреба на пари кои се наменски, бидејќи се однесуваат на функкионирањето на музејската дејност и кинотечната. Има прекршување на Законот за музеи посебно на член 7, којшто се однесува на условите за основање на музејот, меѓу другото таму стои дека треба да биде изработен елаборат кој воопшто не е изработен. Исто така има и еден дел кој се однесува на согласност од матичната институција, а тоа е Музејот на Македонија. Таква согласност не е побарана воопшто. Прекршен е и Законот за заштита на културно наследство“, соопшти Барџиева Трајковска.

Елаборатот кој работната група веќе го предала на новиот ресорен министер, Асаф Адеми е составен од 10 поглавја, а последното вклучува предлог мерки. Претседателот на работната група, Александар Ликовски вели дека предлагаат името на Музејот на македонската борба за државност и самостојност да биде скратено и веќе да го нема делот Музеј на ВМРО:

„Втората работа што работната група ја предлага до Министерството за култура е во иднина да направи стручна екипа, која ќе изработи нова историска поставка во која според нас, доминантно место треба да заземат оригинални документи и предмети, а помалку место да заземат восочните фигури и таканаречените уметнички слики. Идејата е во идинина ако е можно да се преуреди тој музеј, во музеј кој ќе обрати внимание повеќе на сегашноста и иднината во смисла на тоа да поттикнува соживот, а не да прави поделби во македонското општество“.

„Генералнот проблем е што во Музејот доминантно место имаат восочните фигури, не навлегувавме во иднина. Целата музејска поставка е правена театарски, не добивате впечаток дека сте во музеј туку на театарска сцена“, додаде тој.

Инаку Музејот беше отворен во 2008 година со одлука на поранешната влада предводена од Никола Груевски. Отворањето на Музејот на македонската борба за државност и самостојност  кој е дел од проектот Скопје 2014, се совпадна со одбележувањето на дваесетгодишнината од независноста на земјава, а беше отворен за посетители два дена подоцна.

За овој Музеј, Специјалното јавно обвинителство отвори предмет „Тендери“ во кој  се обвинети поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска и тројца членови од комисијата за јавни набавки при ресорното министерство.

Според обвиниението дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

Деталите за овој предмет, СЈО ги изнесе на прес конференција во октомври 2016. Истиот ден, неколку часа подоцна реагираше Канческа Милевска која го обвини ова Обвинителство за политичка пропаганда.

„СЈО работи под инструкции на СДСМ, без никаква анализа и со изнесени паушални заклучоци. Сите обвинувања се неточни и невистинити и одговорно ги отфрлам. СЈО сака да стави дамка и на моето и на работењето на сите вработени во Министерството. Многу невистини се искажани и воопшто не е направена анализа на материјалите“, изјави екс министерката.