Како на филм со среќен крај, човекот „душа и тело“ на македонската фудбалска репрезентација, капитенот и предводник на оваа генерација, Горан Пандев, мораше да го постигне „тој“ гол и да ја испрати Македонија на Европското првенство во 2021 година.
Сега Пандев уште еднаш на грб ќе ја носи македонската селекција во Романија и Холандија во рамките на групата Ц против Австрија, Холандија и Украина, надежно дека со уште еден успех ќе го затвори фантастичното фудбалско поглавје.
За спортскиот портал „gol.mk“, Пандев изјави дека е пресреќен за пласманот, но ниту на сон не очекувал дека токму тој ќе биде решавачки фактор во победата над Грузија во финалето на Лигата на Нациите. Вербата во Бог и поддршката од своите најблиски, имале огромен удел во денешното издание и она пред еден месец против Косово.
– Ваков крај, јас да го решам овој натпревар не сонував. Убеден бев дека оваа генерација има квалитет и сили, како и одлична атмосфера, ќе беше жално да не се пласираме. Само ние фалевме да одиме на Европско. Ако сакаш нешто да постигнеш, треба да веруваш. Јас верував во овие момци. На мојата фамилија го посветувам успехот. Тие се најголема инспирација, помош, жена ми Надица и децата ми кажаа да не се враќам без Европско. Среќни се сите, јас сум најсреќен навистина, не верувам дека го остваривме сонот, но за некој ден ќе сфатиме што сме направиле. После голот погледнав во небото и помислив дека во тоа што веруваш ќе те награди, вербата во Господ. Се мачевме долги години во фудбалот, сега треба сите заедно да се радуваме бидејќи тоа го заслужуваме, рече капитенот.
Македонија првиот натпревар на Европското првенство ќе го игра на 13 јуни во Букурешт против стариот познаник Австрија.
Фото: twitter/ManuHeredia


