Горан Пандев ја одведе Македонија на Европско првенство – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/20 8:07 PM

Горан Пандев ја одведе Македонија на Европско првенство

Сонот на сите генерации фудбалери, тренери, помошници, физиотерапевти, економи, фудбалски вљубеници и репрезентативни фанатици, вечерва се оствари во Грузија.

Македонската фудбалска репрезентација за првпат по три децении од самостојноста се квалификуваше на едно големо репрезентативно натпреварување. Момците на селекторот Игор Ангеловски следната година ќе зачекорат на стадионот на Ајакс, „Јохан Кројф Арена“ и во групата Ц заедно со домаќинот Холандија, Австрија и Украина ќе бидат дел од европскиот фудбалски крем.

Нашите момци покажаа борба, покажаа срце, колку тоа и да звучи веќе излитено и конечно го скршија мразот наречен „голем турнир“.

По малку и очекувано, тактички резервирано и со извесен „грч“, фудбалерите на Македонија ги обработија првите 45 минути од финалето во плејофот на Лигата на Нациите против Грузија во Тбилиси.

Домаќинот во првиот дел беше за нијанса поконкретен и ја имаше иницијативата на теренот. Благата иницијатива изразена преку посед, целосно не ја искористи крилниот напаѓач на Анортосис, Торнике Окриашвили, кој прво во 30 минута го тестираше голманот Димитриевски со шут од далечина, а две минути подоцна по солидната контра шутираше над нашиот гол.

Домаќините претежно нивната игра ја базираа врз робусниот напаѓач Ника Качарава и преку крилните позиции се обидуваа да центрираат во шеснаесетникот каде што Качарава впрочем и најдобро се снаоѓа.

Македонија во последните десет минути од првиот дел се ослободи од иницијалниот притисок и малку недостасуваше преку ударот на Горан Пандев со глава во 35 минута да дојдеме до посакуваното водство.

Второто полувреме, сосема поинаква приказна и сосема поинаков лик на македонската репрезентација. Пресингот на противничката половина и „жестоките“ десет минути од почетокот на вториот дел резултираа со феноменален погодок. Акцијата пресликана од терените на мал фудбал, приредена од напаѓачкиот троец Несторовски-Елмас-Пандев,  „ги извади од копачки“ грузиските дефанзивци.

Елмас по левата страна влезе во серија дриблинзи и ослободи доволно простор да се доближи до шеснаесетникот, топката ја остави кај Пандев, Пандев до Несторовски кој во стил на врвен „target men“ го скри фудбалот и проигра со капитенот во празно. Квалитетите и искуството на големиот Горан Пандев, не дозволија неискористување на златната прилика. Капитенот – капитенски во 55 минута од дуелот му донесе водство на Македонија. Водство кое го задржавме до крајот на натпреварот.

А дотогаш, „држ-недај“. Во последните 20 минути донекаде и разбирливо, поради евидентниот замор и поради капиталот од еден гол предност, Игор Ангеловски се повлече и фудбал се играше на половината на Македонија. За среќа, не толку квалитетен и опасен и недоволен да се загрозат европските амбиции на репрезентацијата.

Искусниот стратег Вајс во 80 минута повлече потег, внесувајќи ги во игра Папунашвили и Лобјаниѕе. Ангеловски веднаш реагираше со Тихомир Костадинов, Иван Тричковски и Ѓоко Зајков и комплетно го затвори пристапот на Грузија до голот на Столе Димитриевски.

Последниот свиреж на англискиот судија Ентони Тејлор, го означи почетокот на епското славје на фудбалерите, селекторот Ангеловски и неговите помошници на тревникот на „Динамо Арената“ и сите оние кои пред малите екрани го проследија историскиот натпревар.

Солзите на капитенот Горан Пандев на средината на теренот го раскажаа триесетгодишниот копнеж на македонската фудбалска репрезентација за влегување во друштвото на европските големци. Ја манифестираа и фрустрацијата од сите тие примени голови во последни секунди, сите примени голови од средината на теренот, сите тие незаслужени порази после одлични изданија во двобоите за Европско и Светско првенство, сите тие „пехови“ со повреди, непогодени временски услови и терени, сите оние Шпании, Италии и Холандии кои „пецкаа за срце“.

Чекањето вредеше. Македонија е на Европско првенство во фудбал. И не, ова не е наслов од некое спортско дистописко минато, ова е реалноста и ова е сега.

 

Давор Јосифоски

 

Фото:

Твитер