Претреси во Виница: Разбиена група што незаконски продавала несоодветни тестови за Ковид-19 – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/20 12:17 PM

Претреси во Виница: Разбиена група што незаконски продавала несоодветни тестови за Ковид-19

На 11 ноември по добиени сознанија дека лица од Виница, вршеле незаконска продажба на несоодветни  брзи тестови за детекција на вирусот Ковид-19, полициски службеници од Одделение за внатрешни работи Виница извршија оперативни проверки, при што е дојдено до сознанија дека лицата: В.П.(35) и М.А. (46), двајцата од Виница, заедно со правно лице од Виница нуделе и продавале несоодветни т.н. брзи тестови во врска со коронавирусот.

Поради постоење основи на сомневање за сторено кривично дело – “незаконито земање и користење на генетски и биолошки материјал“ казниво по чл.210-а од Кривичниот законик, со наредба од Јавен обвинител, бил извршен претрес во дом и други простории, при што во домот на В.П.пронајдени се седум кеси со натпис “Ковид Чек ТМ“ и едно шише од 2мл со течност со натпис „Буфер“, кои се одземени. До надлежното обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок, а и во наредниот период се преземаат мерки во врска со ваквите случаи.

Апелираме до граѓаните да им веруваат и да се обраќаат  само на овластени медицински лица кои се матични лекари или епидемиолози на институтот или центарот за јавно здравје и да не наседнуваат на вакви измами, а МВР во координација со другите институции ќе ги санкционира ваквите појави, како што е случајот во Виница. Само така заеднички ќе придонесеме за справување со коронавирусот, пишува во соопштението на МВР.