Маст од рузмарин: Какви се придобивките и како да направите ваков производ дома? – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/20 8:02 PM

Маст од рузмарин: Какви се придобивките и како да направите ваков производ дома?

Маста од рузмарин во народната медицина често се користи за ублажување на болки, но и за нега на кожата. Истражувањата покажале дека ваквата маст навистина има благотворно дејство врз нашето тело. Купечката маст од рузмарин најчесто во својот состав содржи пчелин восок па имајте го ова предвид, доколку сакате да ја избегнете таа состојка. Во продолжение дознајте кои се предностите од употреба на маста од рузмарин и како да ја направите во домашни услови.

Предности

Маста од рузмарин се користи поради здравствените предности што ги нуди, како што се намалување на болките (во мускулите или зглобовите),  поттикнување на циркулацијата, нега на кожа и помош кај проблемите со кожата. Локалната употреба на маст од рузмарин го намалува ризикот од појава на воспаление на вените – покажува студија објавена во 2018 година во списанието Journal of International Pharmaceutical Research. Друга студија пак, објавена една година порано во списанието  Iranian Journal of Nursing and Midwifery Research покажала дека локалното нанесување на маст од рузмарин особено ги намалува болките во нозете кај пациентите со хемодијализа.

Ако сепак не сакате да купите ваква маст, може да ја направите дома и тоа со неколку едноставни состојки:

2 лажици сушен рузмарин,

½ чаши екстра девствено маслиново масло,

8 лажици бел пчелин восок,

¼ лажички есенцијално масло од рузмарин.

*Наместо бел пчелин восок, може да користите восок од соја како веганска замена

Подготовка на масло од рузмарин 

За да направите маст, пред сè, потребно е да се направи „смеса“ од маслиново масло со рузмарин.

Наполнете со вода една четвртина од некој сад што го имате дома и оставете да зоврие. Во тој сад ставете друг, помал стерилизиран сад во кој ќе измешате маслиново масло и сушен рузмарин. Оставете состојките да се соединат на тивок оган околу шеесет минути.

За тоа време, потребно е неколку пати да проверите дали има доволно вода во првиот сад и погрижете се за тоа, при вриењето водата да не претече од него. По еден час исцедете го маслото.

Подготовка на маст од рузмарин

Оваа постапка е слична со претходната, ако се знае дека и за неа е потребно повторно да наполните со вода една четвртина од некој сад. Во него, ставете друг стерилизиран сад во кој маслото од рузмарин ќе го измешате со восок. По ова, потребно е да почекате кратко време состојките да се соединат на тивок оган.

Откако ќе го тргнете садот од шпоретот, оставете смесата малку да се олади и додадете неколку капки есенцијално масло од рузмарин. Оваа смеса преточете ја во соодветна амбалажа и оставете целосно да се олади.

Вака подготвениот балсам може да го користите по потреба за нега на кожата или за ублажување на болките.

 

Фото:  co.pinterest.com

Извор: krenizdravo.hr