Затворена градинка во Битола поради случаи на Ковид 19 кај вработени – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/20 4:43 PM

Затворена градинка во Битола поради случаи на Ковид 19 кај вработени

Заради позитивни случаи кај вработени, затворена е детската градинка „Ѕвездичка“ во Битола која е дел од Јавната општинска установа детски градинки „Мајски цвет“. Позитивни се воспитувачка и негувателка, а се чека резултатот на уште една негувателка, вели директорката на установата „Мајски цвет“, Снежана Тодоровска. Ова е мала градинка со три групи и вкупно 29 деца. Двете групи кои згрижуваат 23 деца од 2 до 6 години ќе одат во изолација, а во зависност од резултатот на негувателката за која се чека тестот, ќе се знае дали и третата група со 6 деца ќе оди во изолација. Заради ваквата состојба, градинката е затворена. Објектот ќе биде дезинфициран пред повторно да почне со работа.

Исто така, заради претпазливост и појава на симптоми (покачена телесна температура) ќе се тестираат и две вработени во градинката „Славејче“ која е дел од истата установа.

Тодоровска апелира до сите да се почитуваат мерките за заштита за што поскоро  справување со коронавирусот. Под ЈОУДГ „Мајски цвет“ се седум градинки во Битола.

Во другата јавна установа под чија капа се 9 градинки, ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, регистрирани се 11 позитивни случаи од редот на вработените и уште 9 лица кои се ставени во изолација заради контакт со нив, кои исто така се од редот на вработените.

Во градинките на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, во изолација се и 60 деца на возраст од 2 до 6 години и 15 деца под 2 години.

Маја Богоевска