Ниските примања на новинарите, неслободата на медиумите, притисоците со кои се соочуват, лажните вести, се дел од темите кои беа опфатени на денешната дебата „На кого останува новинарството”, кои, според говорниците, се причината за младите се помалку да се ориентираат кон новинарската професија.
Новинарката Милена Атанасоска Манасиева, во нејзиното излагање потенцираше дека пред помалку од две децении на новинарски студии се запишувале по над 100 студенти, додека денес околу 25, што покажува дека нема реален интерес за кариера како новинари и оти е мала можноста за прилив на „свеж” кадар во медиумите.
Таа нагласи дека меѓу младите, поголем е интересот за ПР, отколку за новинарството како професија.
Универзитетскиот професор,Агрон Куртиши, во однос на темата, вели дека кога ги прашува младите зошто не сакаат да учат за новинари, му кажуваат дека медиумите не се слободни, дека се контролирани од политичките партии, а тие сакаат слободно да работат.
Според еден студент, кој е на мастер студии, повеќето од неговите колеги кои студираат новинарство, се запишале на тој Факултет бидејќи не знаеле „каде да одат”, а морале да се запишат на Факултет „за да одат нагоре во општеството”.
Младите новинари, со неколкугодишно искуство во професијата, нагласија дека ниските примања се еден од клучните проблеми поради кои младите се демотивирани да се насочат кон новинарството.
Генерално, како што истакнаа тие, и мислењето на младите во врска со медиумите во земјава е многу лошо. Младите, како што велат, дури не сакаат да ги следат македонските медиуми, бидејќи според нив се „политички обоени”.
Во врска со праксата во новинарството, на дебатата беа изнесени различни ставови од страна на говорниците. Според едни, младите новинари немаат можности да учат, а според други, младите студенти не покажуваат интерес, дури и кога им се нуди можност.
Директорот на МИА, Драган Антоновски се осврна на можностите што ги нуди неговиот медиум во врска со практичната и хонорарната работа, истакнувајќи дека младите не покажуваат интерес за работата.
Тој, во однос на слободата на медиумите, потенцираше дека „слободата се освојува”.
Антоновски нагласи дека денес медиумскиот простор е „крајно извалкан” од она што значи „соушл медиа”, порталите, лажните вести… но, запраша „каде е борбата новинарите да си ја вратат професијата”.
– Ваква каква што е, професијата дефинитивно не е атрактивна, нема пари во професијата. Новинарството е тешка професија, не е како што некој го замислува – отиди на прес и врати се дома и администривно заклучи во три часот, и не ми е гајле што се случува. Новинарството е 24 часа, тешко е. Ако сакаш да бидеш новинар, треба да вложиш во новинарството, треба постојано да се надградуваш, треба постојано да се обучуваш. Еве сега имаме ситуација кога мултимедија е апсолутно на цена, и сега некој којшто пишувал само текст и не знае ништо друго е некомпатибилен со ова новинарство, потенцираше Антоновски.
Новинарот Стојан Трпчевски истакна дека новинарството бара голем влог, многу искуство за да се дојде до некое ниво со кое може да се заработи.
– Тие ставови дека станува збор за ниски плати, тоа е факт, но мора многу да се вложи во новинарството за да се заработи. Не сакам младите колеги да го доживуваат тоа така, времињата се менуваат и треба да се менуваат, млад новинар не треба да се надева на високи примања, треба да се докаже за да си ја заработи повисоката плата, посочи Трпчевски.
На дебатата беше заклучено дека државата сериозно треба да го ослободи медиумскиот пазар.