Здравствените власти уверуваат дека има доволно слободни болнички кревети за пациенти заразени со Ковид-19 и оти за секој од нив се прави се што е потребно. Сметаат дека засега нема потреба од карантини и воведување полициски час и очекуваат да има резултати од воведените мерки. Заклучно со синоќешната статистика на Министерството за здравство, во државава се активни 15 116 случаи на заразени со вирусот, а вчера беа регистрирани 947 случаи.
– Во сите болници во државата, освен во Струмица и во Куманово, има слободни болнички кревети. Станува збор не само за инфективните, туку и за интерните одделенија кои сега се целосно наменети за третман на ковид пациенти со соодветен распоред на лекари, изјави вчера министерот Венко Филипче, при посетата на вакциналниот пункт во поликлиниката Јане Сандански.
Според Филипче, на интерните клиники има доволно слободни кревети, пристап до кислород и се што е потребно за лекување на пациентите.
– За периодот којшто доаѓа имаме план за сместување на пациенти и во други интерни клиники и план за распоред на стручниот кадар, односно лекари, интернести и медицински сестри кои ќе работат со ковид пациенти. Во овој момент се уште нема потреба да се менува системот на закажување Мој термин, рече Филипче.
Според министерот за здравство, секоја форма на болеста Ковид-19 има соодветна препорака и оти матичните лекари добро знаат кои пациенти треба да се третираат дома, а која е индикацијата за едно болно лице да се смести во болничка установа.
– Смртноста насекаде е голема. Огромен број на смртни случаи во соседните земјите од регионот. И тоа што можам да го кажам е дека, апсолутно, за секој пациент се прави сè што треба, нагласи министерот Филипче, посочувајќи дека болничките капацитети сè уште не се пополнети и оти има место на клиниките за болни од Ковид-19.
Според Филипче, засега нема потреба од воведување полициски час, рестриктивните мерки што се досега донесени се доволни, и ако се почитуваат ќе дадат резулат во следниот период.
Повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките, особено забраната за групирање на јавен простор која со завчерашната одлука на Владата е продолжена во текот на целиот ден, наместо како досега од 21 часот.
– Целта на целосната забрана за групирање е токму да се спречи собирањето во парковите по 21 часот кога затвораат кафулињата и другите угостителски објекти, што носи ризик за ширење на Ковид-19, истакна министерот за здравство.
Во однос на забелешките од матичните лекари за алгоритмите за тестирање, Филипче рече дека тие се препорачани од Светската здравствена органзизација и оти тоа не е нешто што може да се менува на нечие барање.
– Во препораките јасно стои дека брзите тестови даваат резултати доколку се направат во првите пет дена од појавата на симптомите, подвлече Филипче.
Министерот за здравство очекува дека во јануари или февруари ќе имаме вакцина против Ковид-19 согласно сегашната динамика на одвивање на работите. И втората компанија после „Астра Зенека” и компанијата „Фајзер” аплицирала да добие дозвола за употреба во Европската агенција за лекови. Вообичаено тоа е процедура која трае неколку месеци и кога ќе завршат сите клинички фази на испитувањето почнува административата процедура.
– Верувам дека ќе дадат одобрување по таа т.н.ургентна постапка и дека некаде до Нова година, такви се очекувањата, ќе добие дозвола и двете вакцини да бидат дистрибуирани. Ние ги очекуваме преку Ковакс механизмот, од чиј дел се овие две компании. Како ќе ја добијат дозволата за употреба таму ги даваат дозите и тие еднакво се распределуваат на сите земји кои учествуваат во него. Секоја следна компанија која влегува во тој механизам ги дава на располагање своите дози на вакцини. Ние го потпишавме договорот, Владата даде согласнот, обезбеден е буџет, така што ги очекуваме вакцините преку Ковакс механизмот, рече Филипче.
Потенцира дека имаат и две други понуди, една од Полска преку полскиот амбасадор и друга преку грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој на последната средбата со премиерот Зоран Заев на Самитот во Солун покажал добра волја и можност државава да биде дел и од нивната количина набавка, која како земја-членка на ЕУ е обезбедена со директен договор со компанијата „Астра Зенека”.
Министерството за здравство вчеравечер информираше дека во деноноќието 9/10 ноември се направени 3042 тестирања, при што се регистрирани се 947 нови случаи на Ковид-19, оздравени се 691 пациент, а починале 30.
Од новорегистрираните, најмногу се во Скопје-530, по што следи Тетово со 54, Битола и Охрид со по 43, Прилеп 38, Куманово-30, Гостивар и Кичево по 25, Струмица 23, Велес-22, Струга-18, Штип-15, Кавадарци-8, Гевгелија-3, Крива Паланка-4, Радовиш-7, Крушево-2, Кочани, Дебар и Неготино по три, Пробиштип, Свети Николе и Ресен со по осум, Македонски Брод и Делчево по пет, Демир Хисар и Кратово со четири, Неготино и Гевгелија по три, Берово и Валандово по два, Виница и Пехчево по еден.
На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 161 пациент, од кои на кислородна поддршка се 132. Во болницата во Козле хоспитализирани се 11 деца и 29 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19. Во ГОБ „8 Септември”, пак, вкупно се хоспитализирани 79 пациенти,а на респиратор се шест, во Институтот за ТБЦ се хоспитализирани 54 пациенти, на Клиниката за неврологија 20 , на кожната клиника 18. Во болницата во Битола се хоспитализирани 75, а во болницата во Штип 57 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Кичево, Кавадарци се хоспитализирани 508 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Од почетокот на епидемијата во државава се дијагностицирани 41 222 заразени, а починати се 1186 лица.
MИА