Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, упати честитки до Азербејџан за ослободувањето на неговите окупирани територии, а договорот за Нагорно Карабах го нарече голема победа за Баку, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе продолжиме да го поддржуваме Азербејџан. Договорот е голем успех и победа за Азербејџан. Териториите, што се под окупација 30 години, се ослободени“, изјави Чавушоглу на прес-конференцијата во Анкара.
Тој изјави дека Турција е во контакт со сите страни за надзор на договорот за ставање крај на спорот во врска со Нагорно Карабах.
Рускиот претседател, Владимир Путин, претходно објави дека Азербејџан и Ерменија потпишале договор за создавање на потребните услови за долготрајно и сеопфатно решение за долготрајниот конфликт во Нагорно Карабах.
Објавата за потпишувањето договор доведе до прослави во многу азербејџански градови, при што илјадници лица ги носеа азербејџанското и турското знаме, пеејќи ги химните.
Во врска со терористичката организација ФЕТО, која е одговорна за неуспешниот пуч во Турција во 2016 година, Чавушоглу изјави дека официјалните претставници на САД конечно почнале да ја сфаќаат заканата што терористичката организација ја претставува.
Тој изјави дека членовите на ФЕТО биле првите што учествувале во насилството по изборите во Киргистан.