Тешко е кога некој плаче и моли за помош- Седум години Дора Симоновска ја пружа раката на хуманоста – ММС
ММС

Објавено на: 11/10/20 7:05 PM

Тешко е кога некој плаче и моли за помош- Седум години Дора Симоновска ја пружа раката на хуманоста

Со почитување на мерките и со по малку страв од коронавирусот, пациентите кои секојдневно доаѓаат на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, неретко се збунети во однос на тоа како да се упатат кон местото на кое треба да им биде извршен преглед. Во целиот метеж, тие секојдневно добиваат помош од младите волонтери на терен кои им помагаат на пациентите да добијат побрза здравствена услуга. За разлика од многу свои врсници кои се забавуваат и речиси и да не веруваат во опасностите кои со себе ги носи актуелната пандемија, младите волонтери заштитени со маска на лицето придонесуваат за полесно снаоѓање на луѓето во Клиничкиот кампус. Ова за ММС го раскажува деветнаесетгодишната, Дора Симоновска која до неодамна беше дел од волонтерите во кругот на клиниките, препознатливи по униформите со логото на Црвен Крст.

Оваа студентка од Скопје веќе седум години преку волонтирање го разубавува секојдневието на многу граѓани, пред се’ од социјално ранливи категории. Својата хумана приказна ја испишува веќе седум години, почнувајќи од тинејџерските денови кога на улица забележала волонтери и почнала да се интересира за нивната работа. Со себе носи инспиративно искуство во кое се испреплетуваат и солзи и насмевки, а за читатели на Македонски медиа сервис ги сподели спомените кои и’ оставиле најголем впечаток.

„Кога имав дванаесет години почнав да учам како да дадам прва помош, а потоа се вклучив и  во други активности. Собиравме парични средства за донации  и слично. Имаме календарски активности и така се организираме. На пример, во мај имаме недела на глад односно недела на солидарност кога организираме донации. Потоа продолжив со едукации, бев на обука за едукатор“, вели Симоновска.

Обврските од невладиниот сектор паралелно ги балансирала со училишните:

„Ако се сака, ќе се најде време за се’. Имам време за учење.  Приоритет ми беше училиштето, но наоѓав време и за Црвен крст. Понекогаш изостанував од училиште иако тоа ретко се случуваше, кога одев на семинари надвор од Скопје. Гледав што е можно повеќе да ги усогласам тие активности со училишните обврски. За среќа, професорите имаа разбирање за тоа, бидејќи отсуствував поради корисна работа“, додава нашата соговорничка.

Ја прашавме и на какви животни судбини посведочила во рамките на нејзината хуманитарна работа.

„Дружбите со другите волонтери се интересни, но тешко е кога некој со плач ве моли за помош. Сум го видела од најдоброто до најлошото. Жално е кога деца бараат помош и тешко е да останете рамнодушни или да не ве совладаат емоции кога ќе видите  колку  може да е суров животот. Работиме со социјално загрозени лица и се избираат најкритичните. Секогаш има тажни животни приказни. Имавме семејство чиј дом изгоре. Мајката  и татко беа разведени, а децата останаа сами. Тоа беше лани и за нив се организираа концерти, хуманитарни натпревари, собирни акции во паркови  и маркети. Претежно организираме хуманитарни концерти каде што се вклучуваат естрадните лица“, истакнува Дора.

На поплавите во Стајковци таа се сеќава како се’ да се случило вчера, иако се работи за наста од 216-та година. Со нејзина другарка, вели, работеле од утро до вечер и колку и да била негативна целат ситуација, таа видеа зрак надеж во фактот дека на помош доаѓале и луѓе што се надвор од Македнија.

„Ситуацијата беше подраматична од тоа што се прикажуваше преку медиумите. Пакувавме храна и хигиенски средства, пристигнуваа цели камиони кои ги пакувавме за да се носат на критичните зони. Доаѓаа луѓе и надвор од Македонија да ни помогнат. При срце ми беше тоа што гледав дека народот се соедини за да помогне“, додава таа.

Своите знаења и искуства, нашата соговорничка им ги пренесува и на многу свои врсници, па и на млади што се далеку помали од неа. Дора е дел од предавањата што се организираат како во основните, така и во средните училишта. Забележува дека средношколците повеќе сакаат да се шегуваат, додека основците се многу позаинтересирани:

„Младината денес не ги сфаќа сериозно проблемите додека не види дека постои потреба за помош. Сакаме да опфатиме повеќе луѓе и одиме во училиштата да им објасниме на децата дека има социјални проблеми. Средношколците не не’ сфаќаат сериозно додека им демонстрираме нешто, додека со помалите имаме повеќе интеракција“.

Со едукациите, волонтерите создаваат желба кај најмалите и тие да се вклучат во општо корисна работа. Па така, на терен може да се забележат и волонтерчиња од по шест или седум години кои учествуваат во собирање парични средства.

„Тие волонтерчиња делуваат слатко,  ги привлекуваат луѓето кои преку нив донираат. Еднаш снимавме и песна па и нив ги вклучивме таму“, додава Дора.

Таа упати апел до своите врсници да не бидат рамнодушни и да вложат барем малку напор за нечие подобро утре.

„Ние работиме напорно и сакаме да ја подигнеме свеста, па до сите млади апелирам никогаш да не останат слепи кога некој бара помош, да не осудуваат, да пружат рака на тој кој има потреба од помош. И сега пандемијава со коронавирусот да ја сфатат сериозно и секако, да ги почитуваат мерките“, завршува Дора.

 

Вања Мицевска