Заев пречекан од Борисов во Софија, заедно ќе претседаваат со Самитот на Берлинскиот процес – ММС
ММС

Објавено на: 11/10/20 11:20 AM

Заев пречекан од Борисов во Софија, заедно ќе претседаваат со Самитот на Берлинскиот процес

Премиерот Зоран Заев претпладнево пристигна во Софија, каде што ќе учествува на лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

– Пристигнавме во Софија на лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, каде што оваа година домаќини се Република Бугарија и Република Северна Македонија, а самитот ќе го водиме заедно со премиерот Борисов.

Отвораме ново поглавје во развојот на регионот и за остварување на стандардите кои земјите од нашиот Западен Балкан ги ставаат поблиску до членството во ЕУ. Денеска ќе имаме можност да дискутираме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, за визијата за Заедничкиот регионален пазар и за Зелената агенда за Западен Балкан. И во оваа прилика посебна благодарност упатуваме и до иницијаторот на Берлинскиот процес, канцеларката Меркел и до СР Германија, од кои континуирано добиваме силна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и за регионалната соработка, објави премиерто Заев на неговиот Фејсбук профил по пристигнувањето во Софија.

Заев беше пречекан од бугарскиот премиер Бојко Борисов пред софискиот хотел Бојана Резиденс, по што двете делагации заминаа на билатерална средба.

Во македонската делегација предводена од Заев, се и вицепремиерите Фатмир Битиќи и Никола Димитров, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Во бугарската делегација, покрај Борисов е и вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов. .

Со Самитот, кој заради пандемијата со КОВИД-19 ќе се одржи преку видео конференциска врска ќе претседаваат премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, а свои обраќања ќе имаат канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, на чија иницијатива започна и се спроведува Берлинскиот процес, претставник на Европската Комисија, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка Мајлинда Брегу и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ.

На пленарната сесија на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес се очекува да учествуваат лидерите на земјите од Западен Балкан, како и заменик-претседателот на Европската комисија Жозеп Борел и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.