В среда попладне покана за Македонија за членство во НАТО – ММС
ММС

Објавено на: 07/9/18 11:55 AM

В среда попладне покана за Македонија за членство во НАТО

На првиот ден од Самитот на НАТО во Брисел кој претстои неделава, Македонија ќе добие покана за членство во Алијансата – убедуваат од Влада. Сметаат дека ова е шанса за рестарт на државата.

Македонија на 11 јули во попладневните часови ќе добие покана за членство во НАТО. Со поканата, држвата ќе може да учествува во дискусиите, само нема да може да гласа при донесувањето одлуки. Ова денеска на брифинг со новинарите го истакна националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, кој нагласи дека мал е бројот на дискусиите во кои нема да може да учествува Македонија, така што таа нема да може за дискутира во однос на членството на нови земји, или пак да дискутира за таканаречената одредба за нуклеарност.

Тој објасни дека по добивањето на поканата ќе има план за пристапување, а Владата ќе треба да одговори со таканаречено писмо со намера, по кое ќе претстојат мини преговори. Во рамките на тие преговори, Македонија ќе треба да потпише протокол за пристапување и со ова ќе започне ратификацијата кај земјите членки. Од Владата појаснуваат дека процедурите на ратификација се различни кај сите земји, а самото завршување на ратификацијата значи и полноправно членство.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска тврди дека ставот на сите 29 земји членки на алијансата е дека земјава заслужува покана. Според Шекеринска, Македонија како држава ќе има задача да ја одржи таквата поддршка. Ресорната министерка смета дека Македонија има историска шанса за рестарт и очекува сите чекори кои ќе биде потребно да се направат за полноправно членство ќе бидат исполнети во најкус можен рок.

Изолацијата на државата ја плативме на внатрешен план. Се наоѓаме пред историска шанса, која нема да ги реши сите проблеми, но ќе ги поттикне институциите. Ќе покажеме дека Македонија е партнер на кој НАТО може да се потпре – смета Шекеринска.

Имаме шанса да ја поправиме грешката од 2008 година. Постојат можности за пролонгирање, но сакаме се’ да направиме за да го спречиме тоа. Упатуваме повик до сите политички партии и фактори да не го блокираат процесот. Секој во Македонија има одговорност над електоратот и ние не можеме да бидеме родители Несериозно е поради ситни политички интереси да се злоупотребува вакво сериозно прашање – посочи таа таа.

Шекеринска  се осврна и на најавениот референдум на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат за Договорот со Грција.

Референдумот ќе успее ако наградата е членство во НАТО и преговори со ЕУ – додаде таа.