На изработка на правилник за зголемување на платата на судската полиција за 20% во сите судови, била насочена денешната прва средба на работната група во Министерството за Правда, која што беше формирана со цел да работи на барањата кои што на предупредувачкиот протест ги упати Независниот синдикат на судската полиција.
„Задоволни сме од денешната средба затоа што од Министерството за правда и од Владата беше изразено разбирање за проблемите на Судската Полиција и подготвеност преку натамошна соработка и социјален дијалог да се решат наталожените проблеми, “ изјави за ММС претседателот на Независниот синдикат на Судската Полиција, Владимир Литовски.
Од страна на Синдикатот бил доставен Предлог-правилникот за зголемување на платата на Судската полиција до 20 % по основ на член 135 од законот за судска служба.
На денешната средба, како претставник на Владата присуствувал Милан Живковиќ кој побара од Министерството за Правда да изготви ваков предлог кој ќе го презентира во Министерството за Финансии и ќе се заложи тој да помине кај надлежните институции.
Во работната група освен Живковиќ, присуствувале и Марија Мисајловска кабинетски соработник на Министерот за правда, Никола Прокопенко, државен советник за казнено право како и претставници од Синдикатот.
Независниот синдикат на судската полиција на 4 октомври одржа предупредувачки протест во Скопје, а претставници се сретнаа и со Министерот за Правда, Бојан Маричиќ .
Тие бараат во новите законски измени да влезе, регулирањето на бенефицираниот стаж и начинот на пензионирање на судските полицајци, точно да се прецизираат додатоците за работа во три смени, за време на празник или неделен одмор, како и да се регулираа додатоците на плата за висок ризик и доверливост.
„Со оваа очекуваме да нема пазарење на наша сметка и да не се дозволи други да одлучуваат за нашата судбина – изјави за ММС по средбата со Министерот , претседателот на Независниот синдикат на судската полиција, Владимир Литовски.