Витамин Д не смее да се зема без анализа на крвта, советува нутриционистката Натали Наумоска – ММС
ММС

Објавено на: 11/10/20 9:30 AM

Витамин Д не смее да се зема без анализа на крвта, советува нутриционистката Натали Наумоска

Голем дел од луѓето имаат недостиг на витамин Д, а кога тој е застапен во недоволна количина, може да се создаде јавен здравствен проблем. Овој витамин е особено важен и во борбата против актуелниот коронавирус,  бидејќи придонесува за имунолошкиот одговор на организмот – предупредуваат повеќе научни истражувачи. Поаѓајќи од овие информации, за важноста на витаминот Д особено во овој период, разговаравме со нутриционистката, Натали Наумоска.

Какво е влијанието на овој витамин врз нашиот имунитет? Зошто е важно овој витамин да го имаме во доволна количина за да можеме полесно да се избориме не само со корона, туку и со останатите сезонски  вируси?

Витаминот Д е витамин растворлив во масти и тој игра клучна улога во градењето и одржувањето на здравјето на скелетот, со тоа што му помага на телото да апсорбира калциум. Исто така е важен за мускулната функција, спречува остеопороза, остеомалација и рахитис. Има голем придонес и е неопходен за правилно функционирање на имуниот систем -што е првата линија на одбрана на нашето тело против инфекции и болести. Рецепторот на витаминот Д влијае на имуните клетки ( Б клетки, Т клетки и антигени клетки). Има антифламаторно и имуно-регулаторно својство. Исто така го намалува ризикот од акутни респираторни инфекции. Лабораториски студии покажуваат дека витаминот Д може да го намали растот на клетките на ракот. Во моментов не постои лек или третман за ковид-19, но неколку студии го испитувале влијанието на додатоците или дефицитот на витамин Д врз ризикот од заразување со новиот корона вирус. Утврдено е дека нивото на 25-хидроксивитамин Д во крвта од најмалку 30 ng/mL се чини дека помага да се намали веројатноста за несакани клинички резултати и смрт кај хоспитализирани пациенти со COVID-19.

Која е Вашата препорака за тоа колку Д витамин треба да земаат граѓаните со слаб имунитет, а колку оние што имаат појак имунолошки систем?

Бидејќи витаминот Д е липосолубилен, значи вишокот не се исфрла преку течности, треба да се внимава со неговата суплементација. Најпрвин треба да направиме испитување на нивото на витаминот во крвта, преку крвна анализа. Врз основа на тековни истражувања, внесот на 1000 до 4000 IU, треба да е идеално за да се постигнат доволни количини во крвта. Не се препорачува поголема доза од 4000 IU без дозвола од лекар. Луѓето со медицински состојби како што се инфламаторно заболување на дебелото црево ( кронова болест и улцеративен колитис), заболувања на црниот дроб, се склони кон дефицит на витамин Д, но најпрвин анализа на нивото во крвта. Кај здрави персони доволна е суплементација само во зимските месеци.

Дали има некакви симптоми за недостиг на витамин Д? Како телото ни сигнализира дека го немаме доволно овој витамин?

Постојат неколку симптоми на дефицит на витамин Д. Често разболување или чести инфекции. Неколку големи студии ја потврдија врската помеѓу дефицит на витамин Д и инфекции на респираторниот тракт, настинка, бронхит и пневмонија. Чувството на замор може да има повеќе причини, а дефицитот на витаминот Д може да е една од нив. Болки во коските и грбот може да бидат исто така знаци за ниско ниво на витамин Д во крвта. Во една истражувачка студија, луѓето со ниско ниво на Д во крвта имале скоро двојно поголема веројатност да имаат болка во коските на нозете, во споредба со луѓе кои имаат нормално ниво. Депресивното расположение може да биде знак за дефицит, особено кај постарите лица. Бавно заздравување на рани по оперативен зафат или повреда може да бидат знак за ниско ниво на витамин Д, кој го зголемува производството на соединенија клучни за формирање на нова кожа. Помага кај дијабетичари со инфекции на стапалата. Губење на коскена маса-витаминот Д игра клучна улога во апсорпцијата на калциум и метаболизмот на коските. Ниската густина на минерали во коските е показател дека вашите коски изгубиле калциум и други минерали. Во голема студија на повеќе од 1100 жени во менопауза или постменопауза, истражувачите откриле силна врска помеѓу нивото на витаминот Д и малата густина на минерали во коските. Адекватен внес и одржување на нормално ниво во крвта може да биде добра стратегија за заштита на коскената маса и намалување на ризикот од фрактури.

Опаѓање на косата односно губењето е поврзано со ниско ниво на витамин Д, иако досега има многу малку истражувања. Ниските нивоа на витамин Д се поврзани со алопеција и може да бидат ризик фактор за развој на болеста.

Болка во мускулите е исто така симптом. Постојат некои докази дека недостатокот на витамин Д може да биде потенцијална причина за болка во мускулите кај деца и возрасни. Во една студија се покажало дека 71% од луѓето со хронична болка имаат недостаток.

Како да го добиеме на природен начин, со оглед на тоа дека сега сонцето е послабо?

Телото создава витамин Д од дирекна сончева светлина на кожата ( од крајот на месец март до крајот на месец септември). Во останатите месеци не добиваме доволно. Природни извори од каде што можеме да го добиеме се навистина малку. Да наброиме неколку: мрсна риба како што е лосос, потоа сардини, туна,харинга и скуша. Го има во црн дроб, жолчка од јајце, печурки, и храна збогатена со овој витамин како што се некои житарки, соино млеко, јогурт.

Може ли во одредени ситуации да се претера со витамин Д и како тоа ќе се одрази доколку го има во еден организам повеќе одошто е потребно?

Земањето премногу додатоци на витамин Д, подолг временски период може да предизвика натрупување на премногу калциум во организмот- хиперкалцемија. Ова може да ги ослаби коските и да ги оштети бубрезите и срцето. Не треба да се зема повеќе од 100 mcg (4000 IU ) витамин Д на ден. Децата на возраст од 1 до 10 години не треба да примаат повеќе од 50 mcg
(2000 IU ) на ден. Доенчиња до 12 месеци не повеќе од 25 mcg ( 1000 IU ) на ден. Преку сончање не можеме да се предозираме. Можни симптоми односно интоксикација со витамин Д се гадење, повраќање и слаб апетит, високо ниво на калциум во крвта, болка во стомакот, дијареа, проблеми со бубрезите. Да напоменеме дека сите овие симптоми не мора да значат интоксикација со витамин Д, бидејќи се јавуваат со претеран внес на суплементи, повеќе од 4000 IU на ден, подолг временски период.

 

Вања Мицевска