Јавниот градски превоз во Тетово никако да профункционира – ММС
ММС

Објавено на: 11/9/20 3:39 PM

Јавниот градски превоз во Тетово никако да профункционира

Јавниот градски превоз во Тетово никако да профункционира, иако ова беше едно од ветувањето на градоначалнилката Теута Арифи, пред да го добие вториот мандат.

И кога сите граѓани помислеа дека оваа недела ќе започне да функционира јавниот превоз по поставувањето на автобуски постројки изминатиов викенд градоначалнилката Теута Арифи разочара. Таа даде уште едно ветување дека тетовци ќе добијат јавен превоз, но треба и натаму да чекаат одреден период додека пристигнат автобуси, а во меѓувреме сакале да се искористи времето, па затоа работеле на поставување на автобуски постројки.

„Доколку ја завршиме постапката за автобусите, а не и овој процес, тоа ќе претставува проблем во функционалноста. Нашата тенденција е да завршиме со набавката на автобусите, да завршат потстаниците и да се стави во функција претпријатието”, вели Теута Арифи.

Таа рече дека наскоро Тетово ќе добие и нови автобуси, а со тоа ќе започне да функционира и јавниот градски превоз

„Имавме постапка која беше повторена по оценувањето на Комисијата и советниците на Светска банка. Сметаме дека ова постапка, до Нова Година, до пред Нова Година, ќе ја завршиме, кажувам Нова Година како рок кога ќе заврши постапката за набавка, а во меѓувреме се става во функција и претпријатието која треба да менаџира со функционирањето на автобусите”, додава Арифи.

Општинските власти секоја година ветуваат јавен превоз за тетовци, кој би ги намалил аерозагадувањето и сообраќајниот метеж низ градот, но најавите веќе три години не се остваруваат. 

Зоран Димовски