Берат Албајрак (42), зет на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, се повлече од позицијата министер за финансии, споменувајќи здравствени причини, пренесува ФП.
„По речиси пет години како министер, донесов одлука да не ја продолжувам мојата служба како министер за финансии поради здравствени проблеми“, истакна Берат Албајрак во пораката на Инстаграм.
Според агенцијата АП, Албајрак, кој е оженет со ќерката на Ердоган, Есра, со која имаат три деца, е министер за финансии од јули 2018 година, а претходно бил министер за енергетика три години.
Неговата оставка следуваше по смената на гувернерот на турската централна банка Мурат Ујсал, кој беше заменет со поранешниот министер за финансии, Наџи Агбал.
Аналитичарите се сомневаат во причината за оставката на Албајрак. Некои споменуваат дека поранешниот министер бил во добри односи со Кушнер, советник на американскиот претседател Доналд Трамп. Се додава дека овие односи повеќе не се важни за Ердоган затоа што Трамп загуби на претседателските избори во САД.


