„Во Штип се пишува историја“, вели Симон Поликарп – Џими: Македонија го доби првиот црномурен кандидат за градоначалник – ММС
ММС

Објавено на: 11/8/20 5:26 PM

„Во Штип се пишува историја“, вели Симон Поликарп – Џими: Македонија го доби првиот црномурен кандидат за градоначалник

„Јас сум прв црномурен, прв Африканец, прв Нигериец што станал кандидат за градоначалник на некоја македонска општина, така што, на некој начин, во Штип се пишува историја. Во Нигерија живеев до мојата 20. година, во Македонија сум речиси 42 години. Како и многу други што дошле и останале, ја засакав како своја оваа убава и мила земја, која за мене секогаш ќе биде само Македонија“, ни’ рече денеска нигерискиот Македонец

Пишува: Љупчо Шатевски

Македонија го доби првиот црномурен кандидат за градоначалник. Симон Поликарп, во Штип и во Македонија попознат како Џими, а популарноста своевремено ја стекна со неколку снимени ТВ-реклами и спотови, е еден од петтемина кандидати за градоначалник на Штип на предвремените избори за прв човек на општината што би требало да се одржат во декември, а рокот за поднесување на кандидатурите заврши синоќа на полноќ. Конкуренти во трката за градоначалничката функција на Поликарп ќе му бидат независниот кандидат Трајче Митев, Лазар Наумов од ТМОРО, Сашко Николов од СДСМ и Гоце Ангелов од коалицијата Иднината е во наши раце.

Кандидатурата на Поликарп за некои е изненадување, но не и за поупатените. Тој веќе има политичко искуство, а пред десетина години беше носител на листа на ТМОРО во Третата изборна единица. Сега, на изборите за градоначалник на Штип е кандидат на Интегра. Џими по потекло е Нигериец, а во Штип живее веќе четири децении. Оженет е со скопјанката Билјана, а и двајцата синови им живеат во Македонија.

Да ги задржиме младите, да не ни’ се испусти Македонија и да заличи на Сахара

– Ми предложија од Интегра, не размислував многу и прифатив. Јас сум прв црномурен, прв Африканец, прв Нигериец што станал кандидат за градоначалник на некоја македонска општина, така што, на некој начин, во Штип се пишува историја. Во Нигерија живеев до мојата 20. година, во Македонија сум речиси 42 години. Како и многу други што дошле и останале, ја засакав како своја оваа убава и мила замја, која за мене секогаш ќе биде само Македонија, без никакви придавки или додавки – ни’ рече денеска Симон Поликарп.

Го прашавме и што ќе му биде приоритет ако биде избран за градоначалник на Штип, чиј мандат сега би траел само десет месеци, до редовните локални избори во октомври в година.

– Главен приоритет ќе ми биде да се задржат младите во својот град, во нашата земја. Сведоци сме на масовно иселување, па мора да создаваме услови младите, нашата иднина, своите надежи да ги гледаат и реализираат овде. Не смееме да дозволиме Македонија да се испусти, да стане како Сахара, без или со многу малку луѓе – вели Џими.

Прекарот Џими го добил во Пробиштип

Интересна е неговата животна приказна. Од Нигерија, голема африканска земја со 150 милиони жители, дошол есента во 1977 година заедно со уште 1.500 млади Нигеријци за да учат во средните училишта во тогашна Југославија. Од нив 60 се запишале во Македонија – 42 во Текстилното училиште во Штип, а 18, меѓу кои и Симон Поликарп, во Рударското во Пробиштип. Прекарот Џими го добил уште првата година во Пробиштип, кога најчесто бил облечен во маица со името и ликот на неговиот омилен реге-пејач Џими Клиф од Јамајка, на кого многу личел. Соучениците мислеле дека самиот си ги отпечатил името и ликот на маицата, и го завикале Џими. Симон тогаш малку знаел македонски за да им објаснува, па прекарот му останал до денес.

Во Нигерија, во родната Јола, град со речиси два милиона жители, каде што му се браќата и сестрите, се вратил само на една година. Првата по матутирањето, да ги одработи задолжителните 12 месеци како владин стипендист. Потоа се враќа и засекогаш останува во Штип. Се запишал на Рударско-геолошкиот факултет, но на струката нема работено. Прво држеше кафуле, па ресторан, а од пред дваесетина години е во швајцарската христијанска организација „Галилеј“.

Не го заборава денот кога првпат во животот видел снег

Џими никогаш нема да го заборави денот кога првпат дошол во СФРЈ и првпат во животот видел снег.

– Во авионот бевме речиси 300 млади Нигеријци што требаше да почнеме прва година средно во Југославија. Беше крајот на октомври 1977. Од Нигерија полетавме на 40 степени над нулата. Во Белград, каде што требаше да слетаме, аеродрмомот беше затворен поради голем снег. Продолживме кон Загреб. И таму имаше многу снег. Сепак, слетавме. Еден по еден почнавме да излегуваме од авионот на асфалтот. Првите испопаѓаа на снегот. Исплашени, сите се вративме во авионот. Сите плачевме. Некои од страв паднаа во несвест. Само што беше паднат мрак. Не сакавме повторно да излегуваме по никоја цена. Целата ноќ ја поминавме во авионот, кој беше со вклучени мотори за да биде топло. Сите добивме и по едно ќебе. Утрината, замотани во ќебињата, излеговме. Имаше многу паѓања и повреди. Таа зима 700 од запишаните 1.500 средношколци во СФРЈ се вратија во Нигерија, а по четири години матуриравме само 340 – раскажува Поликарп.

ПРЕД ШЕСТ ГОДИНИ ДОБИ СОНАРОДНИЧКА ВО ШТИП

Повеќе од три децении Симон Поликарп беше единствениот Нигериец и Африканец во Штип. Пред шест години му дојде сонародничка од Нигерија како бруцош на штипскиот универзитет. На Џими му беше мило, но младата Нигеријка Блесинг Очуку веќе си замина. Тогаш разговаравме со двајцата.

– Не е лесно, но почеток е, ќе свикнам. Полека стекнувам другарки и другари, од факултетот, од студентскиот дом. Верувам дека убаво ќе ми биде во Македонија, но овде нема да останам. Кога ќе завршам со студирањето сигурно ќе се вратам – беше категорична уште тогаш младата Нигеријка.

А, Џими одвај дочека да ја доврши реченицата, па дофрли:

– Еее, Блесинг, Блесинг, и јас зборував така во почетокот, ама останав и не се каам!

Џими и Блесинг пред шест години