Во Вратница поставен споменик, симбол на борбата против градење на мали хидроцентрали – ММС
ММС

Објавено на: 11/8/20 2:50 PM

Во Вратница поставен споменик, симбол на борбата против градење на мали хидроцентрали

Денеска е откриено спомен обележје кај реката Раќита близу тетовска Вратница како симбол на спротиставувањето на населението на обидот за градење на хидроцентрали како и во чест на 64 годишниот Душко Златевски кој почина во 2019 година додека бил на блокадите. Споменикот е изработен во текот на изминатата година со иницијатива и поддршка на месните заедници од Вратница, Старо село, Орашје како и иселеници од САД.

Од месната заедница посочуваат дека обележјето е поставено и како симбол на борбата за егзистенција на овој крај и зачување на нивната природна околина.

-Од 2013 до 2019 година жителите и иселениците од овој крај решително се спротиставија на изградбата на хидроцентрали на Вратничка река. Во таа борба згасна животот на Душко Златевски-Шаро, за да може да Раќита да тече кога кога е мирна и бистра и кога е матна и бујан. Твојот пример нека служи како патоказ за идните генерации. Не беше залудно, стои на спомен плочата.

Душко Златевски е починат на 18 ноември, а откривањето на обележјето е направено денес кога се одржал и помен парастос. Приватни фирми го обезбедиле и донирале целокупниот материјал.

Населението на Вратница, Орашје и Старо село се спротиставуваа на изградбата на хидроцентрали аргументирајќи дека штетата е поголема од придобивката од вакви објекти и дека се прави трајно уништување на природата и ресурсите.

миа