Здружението за заштита на работничките права (ЗЗРП) преку соопштение до јавноста побара градовите и општините да се откажат од новогодишното украсување и парите да ги пренаменат за инвестиции во здравствениот сектор.
Тие ја повикаа Владата, Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии да ги преземат сите законски можности со цел спречување на непотребно трошење на средства. Особено во услови на здравствена криза и сериозна финансиска криза во која се наоѓа Северна Македонија.
„Сите ние сме сведоци дека болнички капацитети се преполни и дека голем број од граѓаните за жал немаат пристап до здравствена заштита поради ограничените капацитети на здравствените организации. Од друга страна коронавирусот секојдневно зема загрижувачки број животи. Денес, повеќе од било кога инвестициите во здравството се потребни. Поради тоа бараме и инститираме локалната самоуправа, односно градот Скопје и сите други поголеми градови и општини, средствата кои во буџетот ги намениле за новогодишно украсување да ги пренаменат и да ги инвестираат во опрема за јавните здравствени установи. Трошење на средства за новогодишни декорации во услови на пандемија и здравствена криза е непотребно“, стои во соопштението на ЗЗРП.
Од Здружението бараат итно општините да ги стопираат сите јавни набавки за новогодишно украсување, а според нивни пресметки само средствата со кои Градот Скопје располага за новогодишно украсување се доволни за набавка на 20-тина болнички возила. Тие ги повикуваат членовите на локалните општински совети ова прашање да го постават на првата наредна седница и веднаш да донесат одлука за пренамена.
„Напоменуваме дека станува збор за инвестиции кои се повеќе од потребни и кои се директно поврзани со здравјето и животот на граѓаните. Сите државни институции и организации, вклучително и организациите на локалната самоуправа имаат обврска да се грижат за здравјето на граѓаните. Здравјето на населението е најважно“, стои во соопштението на Здружението за заштита на работничките права.