Бројот на активни случаи на Ковид-19 во државава достигна 14 661, откако вчера беа регистрирани уште 1 285. Ширум клиниките и болниците се хоспитализирани над 900 лица.
Поради се поголемиот број заразени на кои им е потребна хоспитализација и преполнетост на болничките капацитети, од вчера за третман на пациентите се на располагање и интерните клиники на Клиничкиот центар. На Клиниката за пулмологија и алергологија на располагање се 150 болнички кревети за лекување пациенти заразени со коронавирусот. Министерот за здравство, Венко Филипче при посета на оваа клиника, истакна дека овој проект, со кој се зголемува сместувачкиот капацитет за пациенти заразени со Ковид 19, нема да го наруши нормалното функционирање на сите овие клиники.
Со цел подобар третман на пациентети заразени со Ковид-19, Институтот за трансфузиска медицина, пак, вчера информираше дека се обезбедени вкупно 187 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19. Од нив 98 единици преку стандардно дарување и 89 единици конвалесцентна плазма преку аферезна процедура од вкупно 38 донори. Вкупно 136 дарители донирале плазма, со која се третирани околу 170 пациенти со Ковид-19.
Како што информираа вчера од Министерството за здравство, новозаболените 1285 се од направени 3404 тестирања. Битката со вирусот ја изгубија уште 14 лица, а оздравеа 176.
Од новорегистрираните најмногу се во Скопје-522, каде има и најмногу активни случаи 6732. Во Прилеп има 79 новозаразени, Тетово 73, Велес 63, Битола 57, Гостивар 54, Штип и Кавадарци по 46,…
Од скопските општини Аеродром е повторно на врвот со 1079, а по уште над 900 заразени има и во Гази Баба и во Карпош, над 800 во Центар и Кисела Вода.
Според податоците на МЗ, на Инфективната клиника во претходното деноќие се примени уште 12 пациенти. Од хоспитализираните 162 на кислородна поддршка се 137 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 9 позитивни и 1 дете суспектно на Ковид-19 како и 26 возрасни пациенти, позитивни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“, пак, имало осум приеми, а од хоспитализираните 79 пациенти, на респиратор се тројца. Во Институтот за ТБЦ се хоспитализирани 55 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Битола се хоспитализирани 66, а во болницата во Штип се 48 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Кичево, Кавадарци се хоспитализирани 472 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Паралелно со ваквите статистики, власта и опозицијата продолжија со меѓусебните обвинувања за актуелната состојба со Ковид-19. Заради зголемениот број на новозаразени со коронавирусот вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски, изјави дека Извршниот комитет на партијата, одлучил да не му предложи на Централниот комитет кандидати за градоначалници за учество на локалните избори во Штип и Пласница. Од опозициската партија повторно побараа одговорност од ресорниот министер за бројот на заразени и починати, а од СДСМ порачаа дека добро ја менаџираат кризата. Пратеничката на СДСМ, Белкиса Зеќири, на прес конференција истакна дека санирањето на хаосот наследен во здравството, предизвикан со 11-годишната негрижа на ВМРО-ДПМНЕ, со вложување во здравствените институции и пред се во човечкиот капитал, се покажа како клучен фактор за добро менаџирање на најголемата здравствена криза досега.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 38 782, бројката на оздравени пациенти е 23011, на починати е 1110.
миа