Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на денешната прес конференција потврди дека УЈП им ги блокирала сметките на сите компании кои ја злоупотребија државната помош, а на дел од нив веќе им биле повлечени овие средстава од државната помош.
„Имињата на сите компании што ја злоупотребуваат помошта и натаму ќе бидат објавувани, со цел јавноста да ги знае, а воедно и да се поттикнат другите фирми да не прават вакви злоупотреби“, изјави Лукаревска.
На прес конференцијата, директорката Лукаревска ја објасни и постапката за добивање на финансиска поддршка за работодавачите, за исплата на плати во октомври, ноември и декември 2020 година.
Се аплицира преку системот за Е-даноци, најдоцна до 10 во месецот, а наведени се девет услови кои секој работодавач мора да ги исполни за да му бидат исплатени средствата.
-Со Законот за финансиска поддршка на работодавачи погодени од кризата се овозможува исплата на плати за секој вработен, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година во износ најмногу до 21. 776 денари. Постапката за добивање на оваа финансиска поддршка се остварува со поднесување барање за финансиска поддршка преку системот за Е-даноци на УЈП, најдоцна до 10 овој месец за октомвриската плата, а за другите исплати најдоцна до 10-ти во месецот за претходниот месец. УЈП по ова барање ќе одговори дали истото е комплетно или не, во рок од 3 дена од доставување на барањето. Доколку работодавачот добил потврден одговор од УЈП дека барањето е прифатено, тогаш во МПИН пресметката, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, внесува шифра 5001. По обработката на образецот, УЈП го известува работодавачот за вкупниот износ на финансиската поддршка која ќе му биде исплатена за соодветниот месец“, кажа Лукаревска. За намалени приходи од 30.01 процент до 40 проценти државата планира да врати до 14.500 денари по вработен. За намален приход од 40.01 процент до 50 проценти, планирани се 15.955 денари по вработен. За намален приход од 50.01 процент до 60 проценти, планирани се до 17.410 денари по вработен. За намален приход од 60.01 процент до 70 проценти, планирани се 18.865 денари по вработен. За намален приход од 70.01 процент до 80 проценти планирани се 20.320 денари по вработен. И за намален приход од над 80 проценти, износот за финансиска поддршка за исплата на плати изнесува 21.776 денари по вработен.
„Работодавачот кој освен финансиска поддршка за исплата на плата на работниците, има право да користи и мерка субвенционирање на социјалните придонеси и или данок на личен доход во полето 3.23 во полето од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување и истата ја користи со шифрата 5001. По обработката на податоците, УЈП ја информира Владата односно генералниот секретаријат за тоа кои работодавачи исполниле услови за финансиска поддршка, а Владата ги исплаќа средствата до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец“, објасни Лукаревска.
Работодавачот ќе треба да врати 50 проценти од примената финансиска поддршка во буџетот на државата, по посебни услови предвидени во законот. Работодавачите кои ќе искажат негативен финансиски резултат нема да треба да ги враќаат средствата.